Членови на СДСМ од Охрид и поранешни советници во Советот на Општината на претстојните локални избори во Охрид ќе настапат со листа на независни кандидати под мотото „Охрид пред сѐ“
Најавите дека членови на СДСМ од Охрид и поранешни советници во Советот на Општината на претстојните локални избори во Охрид ќе настапат со листа на независни кандидати под мотото „Охрид пред сѐ“, за премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев е доказ дека партијата е демократска во која се почитуваат различни ставови.
Тој оваа најава jа смета за порака од докажани членови на партијата за која треба да се разговара и се надева дека единството е патот до победа.
„СДСМ е единствен и тоа сме го покажале досега. Но сме различни во ставовите. Тоа не прави најдемократска партија со докажани демократски начини на работење. Се надевам дека листите од докажани социјалдемократски членови се порака до СДСМ и ќе разговараме, бидејќи СДСМ секогаш оди по патот на единството до победа“,
рече Заев.
Членови на СДСМ од Охрид и поранешни советници во Советот на Општината вчера преку соопштение информираа дека формирале иницијативен одбор за подготовка и поднесување на листа на независни кандидати за членови на Советот на Општина Охрид на претстојните локални избори под мотото „Охрид пред сѐ“.
„Партиите, со сите свои предности и слабости, нека продолжат да ги креираат државните политики, но нашата примарна цел е да го вратиме вистинското значење и улога на Советот на Општината во кој ќе доминираат локалните интереси на граѓаните, раководени само од своите избирачи“,
велат тие.
На списокот се Томе Чингоски, Димитар Велјаноски, Јован Мирчески, Никола Пројкоски, Елизабета Баракоска, Лидија Стојановиќ, Владо Чингоски, Рита Наранџоска, Горан Трајкоски, Ивица Будески.