„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер. Доказ е заминувањето на Мендух Тачи, Аријанит Хоџа, Кренар Лога и Зијадин Села“, пишува во соопштението од владејачката коалиција
Од владејачката коалиција ВЛЕН во денешното соопштение до медиумите велат дека „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), ниту еден ден не функционираше како сериозна опозиција, а заминувањето на неколкумина неколкумина нејзини членови е доказ дека таа е изградена врз интересите на поединците, а не врз тие на граѓаните.

„Селотејп-коалицијата наречена НАИ е најголемата политичка измама во последните години. Последователните заминувања и внатрешниот хаос јасно покажуваат дека овој проект не е изграден за Албанците, туку за лични амбиции спакувани со ПР-трикот на ‘референдумот‘ за фрлање пeпел во очите на Албанците“,
се вели во соопштението од ВЛЕН.
Оттаму велат дека на ваквиот развој на настаните предупредувале долго време, а сега тоа станува реалност.
„Албанската опозиција денес наликува на стар шатор што се кине штом ќе задува ветер. Доказ е заминувањето на Мендух Тачи, Аријанит Хоџа, Кренар Лога и на Зијадин Села“,
соопштија од владејачката коалиција.
Според ВЛЕН, јасно е дека опозиција што се распаѓа на парчиња му штети на политичкиот систем и ги остава граѓаните без алтернатива.
„ВЛЕН не се радува кога другите се уништуваат оти Албанците заслужуваат сериозност, а не неуспешни експерименти со селотејп“,
додаваат оттаму.
Ваквите реакции доаѓаат од ВЛЕН откако пред два дена крилото на партијата Алијанса за Албанците, под раководство на Зијадин Села, соопшти оти ја напушта коалицијата НАИ и оти отсега ќе дејствува самостојно, а нејзините пратеници во Собранието ќе бидат независна група.
Една недела претходно, поранешниот министер за правда од редовите на Алијансата за Албанците (АА), Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што досега ги извршувал во партијата. Вели дека одлуката не била лесна, но дека е донесена по подолг период на анализа.
