Над еден милион евра штета од пожарот во трговскиот центар „Глобал“ пријавиле физичките и правните лица до општинската комисија во Струмица.
Како што јавува ТВ24, Советот на општина Струмица го усвоил извештајот на Комисијата која правеше проценка на штетите на објектите кои настрадаа во пожарот што се случи на 2 јанури годинава.
Штета е констатирана и на самиот објект, но и на трговската стока. Извештајот со проценките ќе биде доставен до Владата која треба да го разгледа и да одлучи дали и на каков начин ќе даде помош на оштетените.
На почетокот на месецов, повторно се отвори трговскиот центар во делот кој не беше опожарен, како и продавниците на сите катови, односно околу две третини од објектот.
Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот.
Засега не се утврдени причини како зошто настанал пожарот.