Министерот за планирање и развој на Пакистан, Ахсан Икбал, изјави дека на земјата ќе ѝ требаат повеќе од 10 милијарди долари за санирање на штетите предизвикани од поплавите од монсунските дождови и за обнова на оштетената инфраструктура
Уште 75 лица го загубија животот во последните 24 часа како последица на поплавите во Пакистан, со што бројот на загинати лица се искачи на 1 138 откако земјата ја зафатија обилни монсунски дождови.
Најголем дел од смртните случаи се пријавени во северозападната провинција Кибер Пахтунхва и јужната провинција Синд, кои беа најтешко погодени од поплавите.

Пакистанските власти соопштија дека 1 634 лица се повредени во несреќите предизвикани од дожд и поплави, додавајќи дека загинале и повеќе од 719 000 домашни животни. Поради поплавите, во Пакистан се оштетени повеќе од 3 451 километар патишта, 149 мостови, 170 продавници и 949 858 куќи, јави Анадолија.
Министерот за планирање и развој на Пакистан, Ахсан Икбал, изјави дека на земјата ќе ѝ требаат повеќе од 10 милијарди долари за санирање на штетите предизвикани од поплавите од монсунските дождови и за обнова на оштетената инфраструктура.
„Нанесена е огромна штета на инфраструктурата, особено во телекомуникациите, патиштата, земјоделството и средствата за живот“,
рече Икбал.
„Третина од Пакистан моментално е под вода“,
рече министерката за климатски промени Шери Реман, нарекувајќи ја „криза од незамисливи размери“.
Во Пакистан во тек е акција за давање помош на ранливите лица, а меѓународната помош почнува да пристигнува.
Пакистанските власти го припишуваат разорното време на последиците од климатските промени и тврдат дека Пакистан ги трпи последиците од неодговорните еколошки практики во другите делови на светот.