„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце“, велат од „Сапорт Кочани“

Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ информира дека заклучно со денеска (19 август) вкупниот прилив на наменската сметка изнесува 4 594 345 денари.
Оттаму дополнуваат дека од оваа сума реализирани се 3 758 805 денари, за банкарски провизии се потрошени 18 277 денари, а во моментов на располагање остануваат 835 540 денари.
„’Сапорт Кочани’ е формирана веднаш по трагичниот настан од 16 март 2025 година и продолжува и понатаму да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства“,
велат од „Сапорт Кочани“.
Велат дека еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека која е неопходна во долготрајниот процес на третман на изгореници и рехабилитација на преживеаните.
„Првата пратка – 149 парчиња е во вредност од 923 458 денари, втората пратка од 43 парчиња е во вредност од 283 802 денари, а третата пратка – 176 парчиња е во вредност од 2 193 047 денари. Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од преживеаните лица“,
информираат тие.
Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата што сè уште се хоспитализирани таму.
„Досега се донирани сто комплети T-LAB PRP KIT и десет комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267 000 денари, четири пакувања протеини и четири пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19 120 денари и сет кремови за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53 428 денари. Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо заздравување на засегнатите лица“,
соопшти „Сапорт Кочани“.
Од „Сапорт Кочани“ велат дека сите донации се од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучиле во оваа акција.
„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука – продолжуваме да бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства, сè додека постои потреба“,
пишува во нивното соопштение.