„Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А третман и 330-40 лица со Б2 третман. Не велам дека сите, но најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори“, вели директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов
Над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, но системот има капацитет да опфати уште многу повеќе. Ова е заклучокот од работниот состанок на тема „Пробација и условен отпуст“, што денеска се одржа во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, на кој присуствуваше директорката на Академијата, Ирина Трајкоска-Стрезоски, директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, и претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, како и претседатели на кривични оддели од апелациските судови, претседатели на основни судови и судии што работат на условен отпуст.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, посочи дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се користи доволно.
„Она живее, но има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А-третман и 330-40 лица со Б2-третман. Не велам дека сите, но најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори“,
кажа Пандов.
Според него, важен е и економскиот аспект на проблемот.
„Еден осуденик месечно нè чини околу 1 000 евра. Тврдам одговорно дека не мал број од овие 750 луѓе нè чинат нас како општество, одат таму како во хотел се однесуваат, ги храниме, ги чуваме“,
вели тој.
Според Пандов, соработката со невладините организации е активна, а пробациските мерки се следат според видот на делото, од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства.
Има над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките од страна на осудениците.
Според претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, важна е ресоцијализацијата, зашто целта на казнувањето не е секогаш казната сама по себе, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите на кривични дела, а условниот отпуст игра доста важна улога во таа насока.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, рече дека тие се тука да им дадат поддршка на судовите и судиите што ги работат овие алтернативни мерки и санкции.
Законот за пробација беше донесен во 2015 година, а почна да се применува во 2018 година, но пробацијата како инструмент во правосудниот систем не се користи доволно.
Таа е важна за намалување на пренатрупаноста во затворите, за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.