Протестите кои се одвиваа во голем број руски градови се најголемиот бран протести предизвикани од политичките случувања во Русија по оние во септември 2022 година, кога над 1 300 лица беа уапсени за време на демонстрациите против делумната мобилизација за воената кампања во Украина
Над четиристотини лица се приведени за време на протестите во вкупно 32 руски града по смртта на најистакнатиот критичар на рускиот претседател Путин, Алексеј Навални. Смртта на поранешниот адвокат во арктичката казнена колонија „Поларен волк“ каде што тој издржуваше триесетгодишна затворска казна предизвика низа протести во Русија, најголеми по оние во септември 2022 година, кога повеќе од 1 300 луѓе беа уапсени за време на демонстрациите против делумната мобилизација на резервистите за воената кампања на Путин во Украина.
Организацијата „ОВД-инфо“, која известува за слободата на јавното изразување во Русија, вели дека најмногу апсења имало во Санкт Петербург и Москва, каде што поддршката за Навални традиционално била силна. Вчера во 20 часот по Гринич повеќе од 200 лица биле приведени во Санкт Петербург.
Руските државни новински агенции, кои се под целосна контрола на Кремљ, не јавија за демонстрациите. Нема извештаи за стотиците луѓе ширум Русија кои продолжија да им пркосат на властите и да положуваат цвеќе на импровизираните споменици на Навални.
Најпознатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, според информациите на персоналот во казнената колонија „Поларен волк“ во градот Карп, се онесвестил и починал во петокот по прошетката во затворот, а според првичните информации од истражителите тој починал од синдром на ненадејна смрт. Неговата мајка Људмила добила официјално известување за смртта на својот син, но неговото тело сѐ уште не ѝ било предадено, што според неговата портпаролка Кира Јармиш значи дека Кремљ можеби се обидува да ги прикрие трагите на неговите „убијци“.
„Мртовечницата е затворена, и покрај уверувањата на колонијата дека работи и дека телото на Навални е таму. Адвокатот се јавил на телефонскиот број на мртовечницата. Му било кажано дека тој е веќе седмиот кој им се јавил денеска и дека во мртовечницата не е телото на Навални“,
рече Јармиш.
Јармиш кажа дека според информациите со кои таа располага, телото на Навални било пренесено во Салехард од страна на руски инспектори, но кога неговата мајка и адвокат пристигнале во мртовечницата, неговото тело не било таму. Вработен во мртовечницата, пак, им соопштил дека тој не направил прием на ниту едно тело и им посочил оти треба да го бараат и во други градови во регионот. Неговиот тим, пак, на Телеграм напиша дека неговите убијци сакаат да ги прикријат трагите и затоа не го предаваат телото на Алексеј и дека го кријат дури и од неговата мајка.