Според пишувањата на Ројтерс, израелската армија рекла дека војниците испукале предупредувачки истрели кон можни милитанти кои се движеле кон нив во толпа

Најмалку 44 лица се убиени во денешните израелските напади врз Појасот Газа, соопштуваат локалните власти.
Најголем дел од лицата, 25 се убиени додека чекале хуманитарна помош, соопштуваат локалните здравствени власти.
Според пишувањата на Ројтерс, израелската армија рекла дека војниците испукале предупредувачки истрели кон можни милитанти кои се движеле кон нив во толпа.
Потоа, додава Ројтерс во написот повикувајќи се на изјава од војската, израелски авион „ги погодил и елиминирал осомничените“ додавајќи дека е свесна дека и други лица се убиени во инцидентот и оти го истражува случајот.
Лекарите во Газа велат дека во други израелски воени напади во енклавата, најмалку 19 лица се убиени вклучувајќи 12 лица во куќа во Деир Ал-Балах во централниот Појас Газа, со што бројот на жртви достигнал најмалку 44.
Израел на почетокот на март ја блокираше хуманитарната помош за Појасот Газа, која беше делумно укината кон крајот на мај, што доведе до голем недостиг на храна, лекови и друго.
Хуманитарната фондација Газа, невладина организација поддржана од Вашингтон и Израел почна да дистрибуира помош кон крајот на мај, но нејзините испораки беа проследени со хаотични и смртоносни сцени. Агенциите на ОН, исто така, доставуваат помош.
Според Министерството за здравство на Хамас, од крајот на мај, 397 луѓе се убиени, а повеќе од 3 000 се повредени додека се обидувале да стигнат до местата за дистрибуција на помош во Појасот Газа.