Маскирани лица излегле од просториите на Универзитетот „Аристотел“, каде што се одржувала забава, и почнале да фрлаат молотови коктели врз специјалните полициски сили
Повеќе од триста лица се приведени во инцидентите пред Факултетот за инженерство при Универзитетот „Аристотел“ во Солун, пренесуваат грчките медиуми. Еден полицаец е повреден, а оштетени се и неколку автомобили во судирот помеѓу полицијата и група маскирани лица.
Инцидентите започнале околу два часот по полноќ кога маскирани лица излегле од просториите на факултетот, каде што се одржувала забава, и почнале да фрлаат молотови коктели врз специјалните полициски сили кои биле во близина.
Полицијата одговорила со шок-бомби и солзавец, а судирите се пренеле и на околните улици, каде што била нанесена штета на три паркирани автомобили.
Од ректорската управа на Универзитетот информираат дека немало дозвола за одржување забава, нагласувајќи дека вакви настани се забранети. Оттаму додават и дека соработуваат со полицијата за да се испита евентуалната вклученост на студенти во инцидентите.
