Полициските службеници го пронашле кокаинот во контејнер, кој бил во пакувања со големина на тула, пред да биде натоварен во камион

Грчката полиција вчера запленила над 270 килограми кокаин со проценета вредност од над 5,5 милиони евра и уапсила тројца мажи, пишуваат грчките медиуми.
Според полицијата, кокаинот бил скриен во контејнер со банани увезени од Еквадор.
Полицијата била информирана од Националната агенција за борба против криминалот на Обединетото Кралство дека кокаинот ќе биде пренесен со брод што се упатува кон северното грчко пристаниште во Солун.
Полициските службеници го пронашле кокаинот во контејнер, кој бил во пакувања со големина на тула, пред да биде натоварен во камион.
На социјалните мрежи полицијата објави и кратко видео од откривањето на пакувањата со кокаин.
Во средата била спроведена голема операција и бил пронајден контејнерот во кој во специјален дел била скриена дрогата, а членовите на криминалната организација биле уапсени во саботата во атинското предградие Аспропиргос.
Вкупната количина на запленет кокаин била 271,15 килограми, соопшти полицијата.
Меѓу уапсените мажи двајца се Грци и тоа едниот е 40-годишен сопственик на компанија за транспорт, а другиот е 32-годишник. Третиот уапсен, како што соопштила полицијата, е 47-годишен бугарски државјанин, кој бил во контакт со наркобанда и го организирал подигнувањето и транспортот на контејнерот. Триесет и двегодишникот бил задолжен за дистрибуција на дрогата преку неименувани членови на бандата.
Од полицијата додаваат дека бараат уште луѓе за кои вели дека припаѓаат на банда за дистрибуција на дрога.
„Уапсените биле однесени во обвинителство, додека продолжуваат истрагите за главните членови“,
додаваат од полицијата.