Нафтата, како што се наведува, се излеала од брод кој пловел под бугарско знаме. Од Министерството за заштита на животната средина на Србија велат дека помор на риби не е детектиран, а од обвинителството стигнала наредба за земање мостри од водата. Поради излевањето на нафта на сила е строга забрана за пливање во Дунав на најпопуларната плажа во Нови Сад – „Штранд“
Помеѓу 25 000 и 30 000 литри гориво се излеале во Дунав во близина на местото Челарево во Србија. Горивото, како што соопштиле од српското Министерство за заштита на животната средина, се излеало од брод кој пловел под бугарско знаме и кој бил закотвен.
„Инспекцијата за заштита на животната средина се стави на располагање на сите служби и е во состојба на готовс и подготвена да реагира поради несреќата што се случи кај Челарево“,
соопштиле од Министерството за Танјуг, пренесува РТС.
Оттаму додаваат дека по добиените информации, на терен веднаш излегле од надлежната инспекција и претставници на „Води на Војводина“, заедно со претставникот на секторот за вонредни состојби на Бачка Паланка, кои го следат течењето на дамката од горивото.
Од Министерството за заштита на животната средина на Србија велат дека помор на риби не е детектиран, а од обвинителството стигнала наредба за земање мостри од водата.
Шефот на службата за заштита на вода на „Води на Војводина“ Јован Вигњевиќ изјавил дека според пријавата на капетанот на бродот што пловел под бугарско знаме, во Дунав кај Челарево се излеале 35 илјади литри мазут.
„Во моментов сме на бродот, тоа е локација на Дунав кај Челарево. Ние како „Води на Војводина“ заедно со водната инспекција, акредитираните лаборатории за заштита на животната средина, полициските служби и секторот за вонредни состојби излеговме на терен“,
рекол Вигњевиќ.
Како што нагласил, нафтата се излеала на површината на Дунав, во пловниот дел на реката.
Новосадската пристанишна капетанија денеска наутро доставила извештај до покраинскиот секретаријат за земјоделство, шумарство и водостопанство дека на 1287. километар од Дунав кај Челарево се случила несреќа и дека станува збор за течност, за која постои сомневање дека потекнува од нафтени деривати, соопштил помошникот секретар на ова тело Немања Ивановиќ.
„Во истиот момент на терен е испратен и покраинскиот инспектор за води, кој е на самото место. Известени се одговорниот јавен обвинител, управителот на тие води, одговорното јавно претпријатие „Води на Војводина“ како и локалната самоуправа“,
изјавил Ивановиќ за Танјуг.
Ивановиќ, кој е одговорен за инспекцискиот сектор во покраинскиот секретаријат за земјоделство, шумарство и водостопанство, додал дека истрагата за несреќата е во тек.
Министерството за земјоделство соопштило дека е утврдена соодветна локација на која ќе може да се постави заштитна пловечка брана за да се „фати“излевањето на нафтата.
„По поставувањето на заштитната пловечка завеса, нафтената дамка се одвојува од водената фаза, се складира и се отстранува“,
се вели во соопштението од Министерството.
Поради излевањето на нафта на сила е строга забрана за пливање во Дунав на најпопуларната плажа во Нови Сад – „Штранд“.