Од УЈП велат дека вчера испратиле персонализирани известувања до сите фирми со неплатени обврски и апелираат веднаш да ги платат и потсетуваат дека во наредните денови ќе преземе законски мерки за присилна наплата на неплатените долгови

Управата за јавни приходи (УЈП) утврдила значителен број на неплатени обврски од страна на фирмите во земјава, по истекот на рокот за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на платите со придонеси за јули.
Според податоците на УЈП, 2 129 даночни обврзници не ја платиле месечната аконтација за данок на добивка за јули годинава, додека кај 11 555 фирми не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец.
Иако дел од аконтациите може да се подмират преку пребивање со даночни побарувања, од УЈП нагласуваат дека тоа не ги исклучува законските обврски кои мора да се сервисираат навреме.
Од УЈП велат дека вчера испратиле персонализирани известувања до сите фирми со неплатени обврски и апелираат веднаш да ги платат.
„Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност“,
се наведува во соопштението од УЈП.
Од Управата потсетуваат дека во наредните денови ќе преземе законски мерки за присилна наплата на неплатените долгови.