Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава, е 1 724 лица, а во моментов има околу 300 празни болнички кревети, информира Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 62 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 679 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово во ковид-центрите во Скопје имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Во последното деноноќие, како што соопшти Министерството за здравство, на Интерните и хируршки клиники имало 29 приеми. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 15 примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 3 нови болни и 2 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина е примен еден пациент. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 74 оздравени пациенти. Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 144 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 148 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 33 пациенти. На Клиниката за детски болести има 9 деца позитивни на ковид-19 вирусот, а на ГАК има 8 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 38 болни.
Во болниците низ земјава пак, се лекуваат вкупно 1045 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 134 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 86 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 48 пациенти, во Велес се лекуваат 99 болни, а во Куманово 90 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 131 во ковид-центарот во Гостивар 45, а во Струга 20 болен. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 112 пациенти, во Кочани 38 во Кичево 38, Кавадарци 70, а во Гевгелија 24 лица позитивни и сомнителни на корона вирусот.
Од Министерството за здравство велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.