Најмалку 139 лица се водат како исчезнати, а повредени се нешто повеќе од 3 400 лица
Во текот на денот бројот на загинати лица во разорниот земјотрес кој вчера го погоди Мјанмар се искачи на 1 644 лица, соопштија повеќе светски агенции повикувајќи се на официјални информации од властите во земјата. Спасувачите се во трка со времето за пронаоѓање на најмалку 139 лица кои се водат како исчезнати, а најголемите спасувачки операции се изведуваат во најпгодените градови – главниот град Нејпидо и Мандалеј. Напомош пристигнаа спасувачки тимови од Кина, Индија и од други земји во соседството, но процесот на спасување е отежнат поради огромните штети што земјотресот ги предизвика на аеродромската инфраструктура во овие два града.

Во Мандалеј, како што пренесуваат светските медиуми, спасувачите се обидуваат да стигнат до седум лица што се заробени под урната зграда. Еден од членовите на спасувачката екипа изјавил дека во текот на ноќта успеале да извлечат 50 лица од зградата.
„Сè уште се обидуваме да ги извлечеме заробените, но ни требаат големи машини. Тие сè уште врескаат, им го слушаме гласот, но не знаеме каде се. Ако добиеме поддршка и тешка механизација, можеме да ги отстраниме урнатините и да ги извлечеме заробените луѓе“,
вели спасувачот.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала вчера го погоди Мјанмар во претпладневните часови, а неколку минути подоцна следеше последователен потрес со јачина од 6,7 степени.
Земјотресот уништи згради, сруши мостови и ги закочи патиштата низ деловите на Мјанмар, а сериозни штети беа пријавени во вториот по големина град, Мандалеј.
На социјалните мрежи се објавува видео од голема пукнатина што по земјотресот се појавила во Мита, регионот Мандалеј.
Во соседен Тајланд, кој исто така почувствува потреси, градските власти на Бангкок соопштија дека досега биле пронајдени шест лица мртви, 26 повредени, а 47 сè уште се водат како исчезнати, повеќето од градилиштето во близина на популарниот пазар „Чатучак“ во главниот град, каде што се урна висока зграда.