Бројот на повици кон единствениот европски број за итни случаи е зголемен од почетокот на месецов, кога „излезе“ од границите на Скопје. Директорот на ЦУК најавува кампања за информирање на граѓаните за линијата
Единствениот европски број за итни случаи 112 веќе функционира на ниво на цела држава, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција.
Тој соопшти дека ЦУК започнува со кампања, со цел информирање на граѓаните за работењето на линијата, преку која се координираат повиците до полиција, Брза помош и Противпожарната единица.
„Од денеска започнуваме со кампања во соработка со Канцеларијата на ЕУ која ќе оди на две национални телевизии, една на македонски, една на албански јазик, со која граѓаните ќе бидат известени и запознаени со постоењето на овој број. Освен на овие две национални телевизии, кампањата ќе оди и на неколку радија, како и на неколку локални телевизии. Воедно, оваа кампања за запознавање на граѓаните со постоењето на 112 ќе оди и на интернет и тоа на повеќе портали, на повеќе веб страници и на Фејсбук и на Јутјуб, така што граѓаните ќе можат да се информираат преку трите афирмативни спотови“,
наведе Ангелов.
Директорот на ЦУК образложи дека секторот 112 не е нов и не решава проблеми на граѓаните или итни состојби, туку само ги координира повиците, односно ги прима, ги селектира и ги распределува понатаму до надлежните министерства или други институции.
Ангелов потенцираше дека постоечките броеви 192, 193 и 194 и понатаму постојат и се отворени.
Тој наведе дека повиците на 112 се снимаат и доколку при повикот некој се однесуваа несоодветно, навредува или слично, ќе биде пријавен во МВР.
Раководителот на првото одделение, кој раководи со сите приматели на повици, Тони Костов, информираше дека за време на функционирањето на телефонскиот број 112 во изминатиот период, во времетраење од еден месец, досега се примени околу 27 000 повици или околу 950 повици на дневно ниво.
„Во период од 11 февруари до 28 февруари, кога телефонскиот број 112 функционираше само на територија на Скопје, во просек, беа примени околу 650 повици на дневно ниво, а со вклучување на целата територија на државата од 1 март досега обемот на повици се зголеми за два и пол пати, така што во изминативе 11 дена од месец март имаме над 1 550 повици на дневна основа. Сите повици се примени, извршена е проценка и соодветно се насочени кон институции кои треба да интервенираат“,
додаде Костов.