Засега во ковид-центрите има место за уште околу 160 пациенти, а од МЗ велат дека, ако има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1 326 и има околу 160 празни болнички кревети во ковид – центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопштија од ресорното министерство.
Во изминатите 24 часа, во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 41 нов пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 445 лица сомнителни и потврдени за ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 19 приеми и тоа шестмина пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клниката за неврологија, еден болен е хоспитализиран на Клиниката за дерматовенерологија, тројца пациенти на ОРЛ, двајца на Клиниката за нефрологија и четворица на Клиниката за очни болести.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 13 нови приеми на пациенти, а 9 на Инфективната клиника, во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 33 оздравени пациенти.
Во последните 24 ласа во ковид – центрите во болниците во внатрешноста се лекуваат вкупно 881 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 81 пациент позитивен и суспектен на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 65 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 111 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 105 пациенти, во Прилеп 126, во ковид – центарот во Гостивар 61, а во Струга 39 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 71 пациент, во Кочани 24, во Кичево 20, Кавадарци 46, во Гевгелија 17 лица, а во Дебар девет позитивни и суспектни на коронавирусот.
Министерството за здравство информира дека денеска во Гевгелија почна поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела монтажа на објектите ќе почне во Струмица, Куманово, Струга и Кичево.
Општина Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници.
Во Штип теренот е подготвен за бетонирање на подлогата, инсталациите се донесени до точките за приклучни места.
Денеска во Струга завршува бетонирањето на бетонската подлога, а сите инсталации се спроведени.
Со забрзана динамика се работи на теренот во Гостивар, Кичево, Прилеп и Кавадарци. Во Кочани теренот е спремен и ќе започне бетонирање на подлогата.
Во Дебар и Тетово во тек се припремните работи.
Општина Охрид започна со расчистување на теренот и забрзано работи на обезбедување на пристапни патеки и спроведување на инсталации.Јавните претпријатија и општина
Велес работат на расчистување на теренот и поставување на инсталации, имајќи во предвид дека локацијата е специфично поставена на терен во пад.
Во Ресен се работи на планирање на локацијата.
„На сите 16 локации се работи истовремено.Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба. Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти“,
велат од Министерството за здравство.