Од утринава, од кога треба да важи одлуката откако вчера беше објавена во „Службен весник“, во дел од маркетите не може да се забелажат означени производи или намалени цени, освен оние што се на редовните акции
Дел од основните прехранбени производи од денеска треба во маркетите да се продаваат со пониски цени. Производите што се опфатени со владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените треба да се обележани со натписите „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или со „Замрзнати цени“.
Од утринава, од кога треба да важи одлуката откако вчера беше објавена во „Службен весник“, во дел од маркетите не може да се забележат означени производи или намалени цени, освен оние што се на редовните акции.
Со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто од денеска треба да се продаваат млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините ќе имаат ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничува на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија. Како највисока цена што треба да се земе за ограничувањата е онаа што важела на 1 февруари годинава.
Со одлуката треба да бидат опфатени 102 групи производи или на над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи. Трговците се задолжени на рафтовите да имаат најмалку 70 отсто од овие 102 групи на производи.
Очекувањата на Владата се дека со оваа одлука ќе има намалување на цените за околу 10 отсто.