Седумтемина разрешени, како што рече министерот за внатрешни работи, ќе бидат заменети со полициски службеници кои не се од овие места, односно се од Скопје. Ваквата одлука, како што рече, не прејудицира никаква вина за нив, туку е чекор кој треба да гарантира дека процесот ќе се одвива без притисоци, сомнежи или влијанија
Одлуката за разрешување на началници, односно лица на раководни позиции во локалната полиција во ОВР Кочани и СВР Штип е со цел да се обезбеди независна и ефикасна истрага, изјави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако претходно во текот на денот донесе одлука за разрешување на пет началници, еден помошник-началник и еден командир од полицијата во Кочани и Штип.

Седумтемина разрешени, како што рече Тошковски, ќе бидат заменети со полициски службеници кои не се од овие места, односно се од Скопје. Ваквата одлука, како што рече министерот, не прејудицира никаква вина за нив, туку е чекор кој треба да гарантира дека процесот ќе се одвива без притисоци, сомнежи или влијанија.
„Во моменти како овие клучно е институциите да работат со највисока транспарентност и професионалност, и затоа воспоставуваме оперативна поставеност која ќе овозможи целосна непристрасност со луѓе кои немаат лични или професионални релации со самата средина“,
додаде Тошковски.
Прашан дали началникот на кочанската полиција е меѓу лицата кои беа на распит деновиве, министерот рече дека ниту началникот на ОВР Кочани ниту началникот на СВР Штип засега се меѓу лицата коишто се предмет на распит.
„Но, точно е дека во рамки на МВР одделот за внатрешна контрола врши темелна анализа на фактичката состојба која е поврзана со кривично-правниот настан и очекувајте во текот на наредните денови да ги споделиме сите поврзани информации за она што ќе биде утврдено од страна на одделот за внатрешна контрола“,
додаде министерот.
Тошковски повтори дека во овој момент не може да прејудицира никаква вина кон седумте разрешени началници врз основа на досега обезбедените докази. Но тоа, како што додаде, не значи нема да бидат преземени мерки ако во иднина има какви било докази коишто би имале каква било поврзаност со кој било од нив.
„Следете нè, вршиме детална анализа, станува збор за многу обемна документација. Станува збор за обемен број докази кои се анализираат, вклучени се речиси сите човечки капацитети со кои располагаме, а се поврзани со вршење на ваков тип на истраги, вклучен е и одделот за внатрешна контрола. Работиме детално, станува збор за еден од најсериозните случаи во државата, нема да оставиме на случајност“,
додаде тој.
Со одлука на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно денеска беа разрешени пет началници, еден помошник-началник и еден командир во Секторот за внатрешни работи (СВР) во Штип и во Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани. Разрешени се:
- Началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип
- Помошник-началник на Секторот за внатрешни работи Штип
- Началник на Одделение за полиција Штип
- Началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип
- Началник на Одделение за внатрешни работи (ОВР) Кочани
- Командир на Полициската станица од општа надлежност Кочани
- Началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани