Генералот Ѓурчиновски ја повторил нашата заложба и целосна посветеност во соработка со сојузниците за подобрување на безбедноста во регионот и глобално, овојпат како полноправна земја членка
Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска, првпат како полноправен член, учествуваше на 183 редовно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, највисокото воено советодавно тело на Алијансата.
На заседанието, кое првпат се одржува по пат на телеконференциска врска, началниците на генералштабови на Армиите на 30 земји членки, согласно агендата, разговарале за тековните операции, мисии, активности и оперативните заложби за градење на стабилност и зајакнување на партнерствата.

Претседавачот на ВК, воздухопловниот маршал, сер Стјуарт Пич, како што соопштија од ГШ на Армијата, во својот воведен говор на состабокот, меѓу останатото го поздравил и членството на Северна Македонија во НАТО и првото учеството на генералот Ѓурчиновски на ова заседание како полноправен член на ова тело.
Во воведниот дел обраќање имал и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој пред началниците на генералштабовите ги соопштил заклучоците од последниот состанок на министрите за одбрана на земјите членики на Алијансата.
Во своето обраќање, генералот Ѓурчиновски ја повторил нашата заложба и целосна посветеност во соработка со сојузниците за подобрување на безбедноста во регионот и глобално, овојпат како полноправна земја членка. Воедно, била искажана благодарност за поддршката за приемот во НАТО и за пружената помош и асистенција од сојузниците при справувањето со актуелната глобална здравствена криза, соопштија од ГШ на македонската Армија.
