Од Управата за извршување санкции велат дека досега нема заразени меѓу лицата кои издржуваат затворска казна или се во притвор
На осудените на затворска казна и на притворените лица во земјава им се забранети контакти со надворешниот свет, согласно со владините препораки од 10 март. Истовремено, се преземаат мерки за одржување високо ниво на хигиена и дезинфекција во сите казнено-поправни установи, соопштија од Управата за извршување санкции.
„Новодојдените лица се сместуваат изолирано сè до моментот кога ќе се утврди дека во периодот на инкубација не пројавиле симптоми на болеста. Сите вработени во казнено-поправните установи исто така ги почитуваат препорачаните мерки за заштита при меѓусебните контакти и контактите со осудените и притворените лица“,
се вели во соопштението.
Од Управата демантираат дека меѓу осудените и притворени лица има заразени со коронавирус. Наведуваат дека медиумите ќе бидат навремено известени доколку во која било казнено-поправна установа се појави случај со потврдена дијагноза на коронавирус.