Во извештајот на ЦЕЕ- Бенквоч нетвор и Центарот за истражување на енергија и чист воздух се посочува дека додека низ целиот свет минатата година, поради намалувањето на економските активности предизвикани од пандемијата, имаше намалување на емисијата на опасни гасови, на Западен Балкан се случува спротивното – има зголемување
Загадувањето на воздухот од електрани на јаглен е причина за 19 000 смртни случаи во последните три години во Западен Балкан, се вели во извештајот објавен на почетокот на неделава од ЦЕЕ- Бенквоч нетвор и Центарот за истражување на енергија и чист воздух.
Извештајот притоа доаѓа до неочекуван заклучок: Додека низ целиот свет минатата година, поради намалувањето на економските активности предизвикани од пандемијата, имаше намалување на емисијата на опасни гасови, на Западен Балкан се случува спротивното – имаше зголемување. Во 2018 и 2019 година, термоелектраните емитираа околу шест пати повеќе сулфур диоксид (СО2) од дозволеното, а во 2020 година 6,4 пати повеќе, пишува во Извештајот.
Термоелектраните на Западен Балкан имаат поголема емисија од сите во ЕУ
Здравствените анализи кои се користат во извештајот потврдуваат дека од 2018 до 2020 година, вкупната емисија на гасови од термоцентралите на јаглен предизвикала 19 000 смртни случаи. Мнозинството смртни случаи се во земјите-членки на ЕУ, 10 800, додека 6 500 на Западен Балкан.
Меѓу последиците од загадувањето се раѓање деца со мала тежина, хроничен бронхитис, симптоми на астма и болничко лекување на кардиоваскуларни и респираторни заболувања.
Размерот на проблемот се појаснува со следните податоци: 18 термоцентрали работат на јаглен во Западен Балкан и 221 во ЕУ. Но, оние 18 испуштаат два и пол пати повеќе сулфур диоксид во атмосферата, отколку сите други во ЕУ. И уште, Србија произведува иста количина на загадување како и целата ЕУ.
Нова дебата во БиХ
Во такви околности, во Федерацијата БиХ е отворена дебата за проширување на термоцентралата во Тузла. Објаснувањето за инвестицијата во Тузла беше дека е неопходно да се заменат постојните единици на термоелектраната која работи на застарени технологии и во исто време да се обезбеди енергетска независност на БиХ преку производство од сопствени извори. Притоа, се користи јаглен ископан во рудници во БиХ.
Кинеските компании China Gezhouba Group Company (CGGC) и China Energy Engineering Group (GEDI), кои во 2014 година потпишаа договор со „Електропривреда БиХ“ за изградба на нов блок на термоцентрала во Тузла со заем поддржан од кинеската влада, соопштија дека нема да се откажат од проектот, иако од проектот се откажа американската компанија „Џенерал Електрик“ (GE), која требаше да произведе и дизајнира клучна опрема.
Американската компанија требаше да изгради котел и генератор на парна турбина, но „Џенерал Електрик“ во април минатата година објави дека ќе се повлече од енергетскиот пазар на јаглен, поради глобалниот тренд на постепено исфрлање на производството на таква енергија. Кинезите потоа бараа алтернатива кај „Сименс’, но и оваа германска компанија ги одби.
Инвестицијата во Тузла се проценува на 1,5 милијарди конвертибилни марки или околу 767 милиони евра, но одлуката на американската компанија да се повлече од заедничкото вложување со Кинезите го доведе во прашање целиот проект. Европската енергетска заедница и асоцијации кои се занимаваат со заштита на животната средина веруваат дека инвестирањето во енергија на јаглен не е само штетно за животната средина, туку и непрофитабилно, бидејќи БиХ ќе мора да плаќа казни за емисиите на јаглероддиоксид, така што електричната енергијата што тие на крајот би ја извезле би била прескапа.
Покрај тоа, постои обврска кон ЕУ да ги ограничи штетните гасови, но во последните две години земјите од Западен Балкан се помалку се придржуваат кон овој договор.
Кина не се откажува
Кина во никој случај не сака да ја изгуби работата во која нејзините компании би изведувале проект на нивна сметка, а потоа би оствариле профит од заемот. Кинеските компании сега нудат да ја продолжат реализацијата на проектот, а опремата да се произведува и испорачува од „Шангај Бојлер Воркс“ и „Шангај Електрик Груп“ наместо американската „Џенерал Електрик“ или „Сименс“.
„Се надеваме дека ‘Електропривреда БиХ’ и властите на Федерацијата БиХ ќе прифатат алтернативен предлог, така што изградбата на блокот 7 ќе започне што е можно поскоро, бидејќи овој проект е клучен за стабилноста на производството на електрична енергија во БиХ“,
велат кинеските компании во заедничката изјава.
Амандманите на Договорот од 2014 година треба да бидат одобрени од парламентот на Федерацијата БиХ, и се очекува дека за ова ќе се дискутира на една од првите сесии по летната пауза.
