„Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна важечка лиценца до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За преостанатите девет, проверката на документацијата е сè уште е во тек“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева
На три локали во државата со активна важечка лиценца за кабаре, ноќен клуб или дискотека ќе им биде забрането да извршуваат дејност и ќе им се одземе лиценцата за работа бидејќи не ги исполнуваат потребните минимални технички услови. Трите локали се во групата на оние 22 за кои Владата вчера информира дека имаат активна важечка лиценца за работа како кабаре, ноќен клуб или дискотека.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, информирајќи за инспекциите што се вршат во локалите кои имаат активна важечка лиценца за работа, а се од аспект на исполнување на минималните технички услови за работа.
„Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна важечка лиценца до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За преостанатите девет, проверката на документацијата е сè уште е во тек“,
изјави Митева и најави дополнителни информации за контролите во останатите локали во текот на денот.
Портпаролката не ги сподели имињата на локалите кај кои се лоцирани пропусти од технички аспект ниту, пак, во кои градови се наоѓаат бидејќи, како што рече, во моментов не располага со такви информации.
„На терен овие денови се над 10 тима кои вршат контрола. Проверките коишто во овој момент се прават се за минимум техничките услови. Направен е и план за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото. Сите ќе бидат проверени – и оние кои немале лиценца, а вршеле работа и оние кои имале, а вршеле. Сите до еден ќе бидат проверени согласно законите и согласно она што значи минимум технички услови кои мора да бидат исполнети согласно закон за да работат“,
изјави Митева.
На прашањето дали Државниот пазарен инспекторат има доволно кадар за да ги изведе техничките проверки, портпаролката вели дека во тимовите нема само пазарни инспектори, туку дека се вклучени повеќе надлежни, вклучувајќи го и МВР, градежни работници, трудови инспектори, инспектори од УЈП, Финансиска полиција.
„Сите буквално кои може да дадат каков било придонес за да бидеме сигурни дека минимално техничките услови мора да се исполнуваат – сите се на терен“,
додаде владината портпаролка.
На денешната прес-конференција во Владата, Митева беше прашана и дали Пазарниот инспекторат претходно вршел контроли на терен за проверка на минимум техничките услови за работа на локалите, со оглед на тоа што тоа е предвидено во годишните програми за работа на ДПИ.
„Верувајте ми дека сакам да споделам информации, но последните информации што ги имам е дека плановите за работа на ДПИ се дел од истрагата и не би можела тука ништо дополнително да кажам за да не го нарушам текот на истрагата“,
додаде портпаролката на Владата.