Согласно Изборниот законик, како што рече потпретседателката Дитмире Шеху, гласањето се прекинува на сите места каде што тоа не почнало повеќе од три часа
Досега има прекин на гласањето на три избирачки места во Куманово, соопшти на последната прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски.
Според него, на едно гласачко место било прекинато гласањето поради изгубен печат, а на две избирачки места поради нефункционирање на биометриските апарати за верификација.

„На едно место е изгубен печатот, па не можеа да продолжат поради тоа. А на две места, иако бил направен обид да се замени уредот за биометриска верификација, на едно продолжија, па прекинаа, а на другото не продолжија. Тоа се три места официјално за кои имаме добиено потврда. Вечер ќе видиме за што всушност се работи“,
рече Даштевски.
Согласно Изборниот законик, како што рече потпретседателката Дитмире Шеху, на сите места каде што гласањето не почнало повеќе од три часа, тоа се прекинува.
„Тоа се случи во Куманово на три избирачки места. Додека во другите избирачки места гласањето тече нормално. Онаму каде што имаше прекин под три часа, на тие места ќе се продолжи гласањето за тој период колку што било прекинато“,
додаде Шеху.