Инаку, деновиве вработени на Клиниката за токсикологија првин преку писмено соопштение, а потоа и на прес-конференција реагираа на лошата состојбата со организацијата на работата на Клиниката по доаѓањето на Бесија Иљази на функцијата в.д. организациски директор на Токсикологија. Тие, меѓу другото, рекоа дека Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имотот, на медицинската опрема, како и осигурување од лекарска грешка
Ноќеска на Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ се случила хаварија со системот за затоплување откако пукнала цевка од парно и биле поплавени простории на третиот кат од објектот.

Првичните информации за настанот медиумите ги добија од вработени на Клиниката, а денеска попладне случајот го потврди и медицинскиот директор на токсикологија, Данил Петровски.
Тој, како што пренесува МИА, вели дека поплавени се речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби на првиот кат, Одделението и сметководство, ходниците на приземјето, чекалната, сè до амбулантата на Оториноларингологија и дел од подрумските простории.
Според него, штетата дополнително ќе се утврдува.
Поплавата, како што информира медицинскиот директор на Токсикологија, се случила ноќеска околу еден часот по полноќ објаснувајќи што се случило.
„Пукна радијатор во една лекарска канцеларија на вториот кат на Клиниката. Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го допрат истекот на водата во следните четириесетина минути. При што е повикано лице од Клиниката кое помогнало да се сопре водата од главните вентили“,
додава Петровски.
Според вработени во Клиниката, повеќе од два часа биле поплавени просториите, а дополнителен проблем е и тоа што објектот не е осигуран.
Од Министерството за здравство за МИА потврдиле дека ноќеска пукнала цевка од парно, но дека проблемот бил веднаш саниран.
„Нема штета, сè е повторно вратено во функција“,
рекле од Министерството.
Засега оттаму нема официјална информација или соопштение за случајот.
Во врска со случајот, „360 степени“ упати прашања до Министерството за внатрешни работи дали случајот е пријавен во Секторот за внатрешни работи Скопје и дали, доколку е, нивни екипи извршиле увид.
Оттаму телефонски ни одговорија дека до овој момент пријава не е стигната во МВР.
Инаку, деновиве вработени на Клиниката за токсикологија првин преку писмено соопштение, а потоа и на прес-конференција реагираа на лошата состојбата со организацијата на работата на Клиниката по доаѓањето на Бесија Иљази на функцијата в.д. организациски директор на Токсикологија.
Тие, меѓу другото, рекоа дека Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имотот, на медицинската опрема, како и осигурување од лекарска грешка.
„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имотот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д. директорката не сака да потпише зашто не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување. Моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме обврзани со закон“,
беше наведено во писменото соопштение на вработени на Клиниката за токсикологија.
Тие обвинија дека со назначувањето на в.д. организациската директорка Бесија Иљази само еден ден пред формирањето на техничката влада на Клиниката за токсикологија се случува деорганизација, а не организација во оваа јавна здравствена установа.
Посочија дека од нејзиното назначување за помалку од два месеца долгот на Клиниката се зголемил за приближно два милиони денари.
На прес-конференција во понеделникот проф. д-р Нико Беќаровски, кој е раководител на одделот за интензивна нега, одржана заедно со лекарскиот колегиум на Токсикологија рече дека се соочуваат со целосен отпор и несоработка со организациската директорка.
Беќаровски посочи дека организациската директорка инсистирала да бидат вработени 18 лица на кои на крајот на годината им биле истечени договорите, а како што додаде, Клиниката реално нема потреба од толкав број вработувања.
„Главен проблем со кој се соочуваме во моментот е доекипирање на лабораторијата. Секој што малку разбира токсикологија знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментот таму има еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија потребни се барем двајца дипломирани биолози и еден техничар со средно медицинска спрема“,
изјави тој.

На новинарско прашање дали меѓу тие 18 лица за кои се бара вработување и за болничарот, за чиј случај веќе се дискутирало на Клиниката, кој вршел притисок врз лаборант да биде заменета урина во која имало наркотици со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил, Беќаровски даде потврден одговор и посочи дека 18 луѓе без никаков договор доаѓаат на работа на Клиниката за токсикологија, иако договорите им се истечени и не би требало да бидат на Клиниката.
По прес-конференцијата на лекарскиот колегиум, прес-конференција одржа и организациската директорка Бесија Иљази, но само на албански јазик. Дел од медиумите ја напуштија оваа прес-конференција зашто им било соопштено дека нема да има превод.
Истиот ден на прес-конференција по повод друг настан, прашан за случувањата на Токсикологија, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија. За економската директорка Бесија Иљази, пак, рече дека нема констатирано ниту едно прекршување.

„Три недели ја испитував ситуацијата и, за жал, констатацијата е вистинита. Јас сум длабоко уверен дека луѓето што користат вакви испади и навреди на национална основа не го мислат тоа. Медицинскиот директор и одредени лекари денеска и на Фејсбук имаат објавено навреди, не сакам да бидам нивни портпарол. Тврдам дека не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Јас ќе преземам сериозни мерки. Медицинскиот директор денеска ќе го разрешам иако сме влезени во изборите“,
рече Демири.
На Токсикологија вонреден инспекциски надзор извршија Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Инспекторатот за труд и издадоа решенија по кои менаџментот треба да постапи, но роковите за постапување уште течат.
За 11 од 18 вработени, чиј ангажман е спорен, ДСЗИ утврди дека бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги, а идентичен е случајот и со останатите седуммина.