На социјалните мрежи се појави информација за хакерски напад во Министерството за образование и наука, а според овие информации, грчки хакери го пробиле компјутерскиот систем на МОН и притоа ја презеле контролата врз надзорните камери и интернет-страницата.
Од МОН, сепак, ги демантираа овие информации и наведуваат дека не е извршен никаков упад во електронските системи и бази на податоци со кои располагаат.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на шпекулации и да бидат спокојни по однос на прашањето за заштита на личните податоци со кои располагаме за учениците, студентите, наставниот кадар и слично. Системите на МОН се соодветно заштитени. Остануваме во постојана координација и продолжуваме да работиме со сите релевантни институции и органи кои работат во областа на компјутерскиот криминал и конфликти, а во насока на подигнување на безбедноста на електронските системи на уште повисоко ниво“,
се вели во соопштението на Министерство за образование и наука.