На собраниската Комисија за надворешна политика денеска едногласно беа усвоени Предлог-законите за ратификација на Протоколите кон Северноатлантскиот договор на Кралството Шведска и Република Финска.

Поддршка за зачленувањето на двете скандинавски земји кон НАТО дадоа пратениците и од власта и од опозицијата, оценувајќи дека станува збор за две пријателски земји кои отсекогаш и давале поддршка на Република Северна Македонија од нејзиното осамостојување, како и за нејзините евро-атлантски аспирации.
Според пратениците од опозицијата, со членството на Шведска и Финска во НАТО ќе се зајакне безбедносната архитектура во Скандинавскиот дел на Европа и тоа ќе претставува додадена вредност за Алијансата.
Пратеничката Соња Мираковска, од НСДП, поддржувајќи го потпишувањето на протоколите, изрази надеж дека утре тие едногласно ќе поминат и на пленарната седница.