Жената во оваа просторија имa 39 години. И требаа неколку дена да собере храброст за да ја раскаже својата приказна која почнала пред 13 години. Бремена со првото дете, нејзиниот сопруг кренал рака на неа.
„Не можеш ти жена да удриш и после да седиш со неа и да живееш. Му се пројавува некоја нервоза, не знам како да ја наречам, тоа докторите подобро си го знаат, од која избувнува и од после и да се кае и да плаче веќе е џабе, белјата е направена, тоа е од време на време, му се повторува континуирано, од време на време“, вели нашата соговорничка.
Првите повици до полицијата и Центарот за социјални работи не помогнале.
„Тогаш дојде до големо насилство, ме оставаше исто и бремена и со трето и со четврто и со петто дете. Ги родив децата зошто јас ги сакав. Мислев дека ќе се справам со ситуацијата самостојно, иако не добив помош од никого. Мене ми беше срам и понижувачки, а од друга страна тој и ми се закануваше“, раскажува анонимната тетовка.
По годините тортура, нашата соговорничка успеала да се разведе. Сопругот бил осудуван на двапати за семејното насилство, но само со условна казна. Материјално, товар и е што сопругот не ја плаќа алиментацијата, духовно- што ниту таа ниту децата не можат да ги заборават траумите.
„Промена нема, тој си е истиот. Приметувам дека децата не можат да гледаат јасна и реална слика. Не знам што да кажам навистина е многу тешко, да опстанеш, особено во денешно време,со толку деца, без ничива помош“, вели нашата соговорничка.
Оваа жена можела да ја истера правдата поради бесплатната правна помош од НВО „Женски форум“ од Тетово каде, парадоксално, ја упатиле од државниот Центар за социјални работи. Невладината организација е единствената таква во полошкиот регион. Од 2003 година па досега, кај нив се обратиле над 600 жени жртви на семејно насилство.
„Мислам дека зголемена е свеста кај жените затоа што ние сега одиме по руралните средини и одржуваме трибини. И жените една од друга слушаат за некој случај и кога се среќаваат по свадби и други собири ја шират веста. Иако на почеток бевме доста скептични и не бевме сигурни дека ќе имаме успех, ете задоволни сме со тоа што сме го постигнале. Што значи има успех во оваа насока“, истакнува Џане Крешова од невладината „Женски форум“ од Тетово.
За правното застапување е задолжена адвокатката Верица Тимосиеска. Првенствено, нејзината борба се состои во добивање времени мерки за заштита на жртвите. Нејзиниот впечаток е дека системот прави чекори за препознавање на семејното насилство, но тоа не е доволен притисок за насилниците.
„Проблем имаме што не е зависен од системот, туку од оние кои го предизвикале насилството. Затоа што се прават од нивна страна опструкции, во смисол не плаќаат издршка, не сакаат да доаѓаат на покана на судот, па сме принудени, односно Судот, со Полициска достава да ги повикува. Сето тоа ја намалува ефикасноста, односно ефективноста на самата постапка, меѓутоа кога се тоа ќе се сумира, генерално сум задоволна од она што моите странки го добиваат од страна на судството“, смета Тимосиеска.
Историските податоци од МВР покажуваат зголемување на бројот на кривични дела од областа на семејното насилство.
Кон крајот на минатата декада биле регистрирани по околу 400 случаи годишно, за бројката да порасне до вкупно 1006 минатата година.
Растот може да биде производ на зачестено семејно насилство, но и знак за зголемена свест кај жртвите и почесто пријавување. Таква закономерност не може да се извлече од најцрната статистика – убиствата.
Од 2013, заклучно со 2018 година, при семејно насилство убиени се 28 жени. Најмалку случаи се регистрирани во 2017 – два, за веќе следната да го израмни неславниот рекорд од 2014 – 7 убиства.
Токму трагичните исходи се причината прва заштита на жртвите од семејно насилство, да бидат шелтер- центрите.
Но такви центри под државна капа има само четири- во Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе. Олеснителна околност во главниот град е што има и втор, кој го води невладина организација. Достапен е и Кризен центар, како и 24-часовната национална SOS линија.
Според министерката за труд и социјала Мила Царовска, најважна за целиот проблем е превенцијата на семејното насилство, пред тоа да се разгори. Фокусот на институцијата сега е да работи на создавање на центри со советувачки капацитети.
„Нашата работа е да ги зајакнеме жртвите, да работиме со сторителите и да работиме кај децата и само тој капацитет ќе даде вистински ефект и резултати во нашето општество. Во Скопје има само еден и тој е менаџиран од граѓанска организација, но еве сега со здравство се координираме да психијатрите, психолозите, здравствените установи се обучат специфично за одредени методологии и техники, и да истите можеме да ги имплементираме и во другите региони“, смета министерката Царовска.
Таква помош е потребна на илјадниците жртви на семејно насилство, меѓу кои е нашата анонимна тетовка. И покрај траумите, оваа 39 годишна мајка на пет деца, бара помош и за насилниците.
„Тие лица кои ќе ве удрат, знаете денеска го направиле, ќе го направат и утре и за месец дена, значи тие и се каат, но нив им треба соодветна помош и лекување“, вели нашата соговорничка.
Напишете коментар