Од опозициската партија велат и оти фактите велат дека Владата не се справува добро со барањата на родителите и оти нема финансиска поддршка, а условите за лекување се многу лоши
На родителите на загинатите во пожарот во Кочани им е потребна поддршка од Владата, а не навреди – велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Реакцијата на опозициската партија доаѓа по денешната прес-конференција на портпаролката на Владата, Марија Митева, која во одговор на новинарско прашање, меѓу другото рече и дека како влада во целост ја разбираат болката на родителите, но и оти за жал се слушнале и лични напади кои политички структури имале за цел да ги искористат во некоја политичка позадина.
„Во целост ја разбираме како влада нивната болка, но, од друга страна, пак, јас морам да кажам дека за жал слушнав и лични напади кои политички структури имаат за цел да ги искористат во некоја политичка позадина. Навистина жалам што некои политички структури имаат традиција на некрофилија“,
рече претходно Митева.
Во реакцијата на СДСМ се вели и оти родителите кои мирно маршираат на улиците на Кочани не смеат да бидат политички етикетирани од страна на Владата и со нив да се влегува во дневнополитички препукувања. Дополнително, велат и оти факт е дека Владата не се справува добро со барањата на родителите, финансиска поддршка нема, а условите за лекување се многу лоши, пропратени со владини мерки кои повеќе наликуваат на промотивни потези отколку искрена и недвосмислена желба за помош.
„Апелираме до Владата да им помогне на родителите од Кочани во остварување на нивните барања, а ако не може, барем да не им одмага и со навреди да не им фрла сол на раната. На тие луѓе им е потребна поддршка и разбирање. Ние политичарите сме должни тоа да го разбереме, да ги прифатиме сите критики и да дадеме сè од себе да помогнеме. Владата итно да престане да се расправа и да се докажува со родителите кои се наоѓаат во состојба на силна болка и тага“,
реагираат од СДСМ.
Портпаролката Митева рече и дека Владата работи на оперативен план кој треба да вклучи и план на медицински кадар што ќе треба да се грижи за пациентите во одморалиштето „Пониква“, кое ќе стане центар за рехабилитација за повредените од пожарот во Кочани.