Единствено, како што информираат оттаму, против едно лице ќе биде поднесена прекршочна пријава затоа што фрлило со предмет кон група граѓани
Секторот за внатрешни работи Охрид попладнево соопшти дека на денешниот протест против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ немало нарушувања на јавниот ред и мир.

Единствено, како што информираат оттаму, против едно лице ќе биде поднесена прекршочна пријава затоа што фрлило со предмет кон група граѓани.
„Ве известувам дека на протестот одржан денеска во Охрид не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир. Полициските службеници евидентираа едно лице кое на јавно место, кон одредена група граѓани фрли со предмет. Против него ќе биде поднесена прекршочна пријава по член 5 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир“,
соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Според членот пет од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, на лицето што било евидентирано од полицијата му се заканува глоба во висина од 100 до 400 евра.
Инаку, протестот организиран од партијата Левица против отворањето на второто бугарско здружение кое го носи името на контроверзна историска личност, кого историјата го опишува како еден од сојузниците на Хитлер за време на Втората светска војна, на моменти се одвиваше во тензична атмосфера, а на местото беше присутно силно полициско обезбедување.
„Со фашисти не се преговара“; „Фашизмот мора да падне“; „Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“, беа само дел од транспарентите кои се носеа на протестите во Охрид по повод отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.

Демонстрантите фрлаа со јајца кон клубот, ја пееја македонската химна, извикуваа Македонија и скандираат против цар Борис Трети.
Членовите на клубот прво немо го набљудуваа протестот, а потоа почнаа да им возвраќаат на демонстрантите на бугарски јазик и го развеаја знамето на цар Борис Трети, што, пак, беше причина присутните уште повеќе да се разлутат.
„А1 он“ објави дека на протестот имало и обид за апсење на лице што фрлило предмет кон терасата каде што е сместен клубот, но по жестоката реакција на присутните на протестот, полицијата се откажала од намерата.