Белорусија се наоѓа во политичката криза уште од претседателските избори од 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја
Досега се уапсени повеќе од 30 000 демонстранти, од кои, според групите за човекови права, илјадници биле претепани
Белоруската полиција вчера уапси повеќе од 140 учесници во масовните демонстрации во Минск на кои се бара оставка од претседателот Александар Лукашенко.
Илјадници демонстранти повторно излегоа на улиците, но, како и претходните неколку недели, тие се собраа во различни делови на Минск во различно време.

Полицијата патролираше низ улиците на Минск со кучиња и распореди голем број водени топови.
Според Белоруското здружение на новинари, меѓу уапсените има и двајца новинари.
Белорусија се наоѓа во политичката криза уште од претседателските избори од 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, поттикнати од официјалните резултати од гласањето според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите.

Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите се украдени.
Лидерот на опозицијата Светлана Тихановскаја, која пребега во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, рече дека целиот свет го гледа протестното движење во Белорусија и дека сите го поддржуваат.
И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите, масовните протести не стивнуваат дури и по повеќе од четири месеци.
Најмасовните протести се случуваат во недела, кога повеќето демонстранти излегуваат на улиците.
Од почетокот на демонстрациите во август најмалку четири лица починаа. Уапсени се повеќе од 30 000 демонстранти, од кои, според групите за човекови права, илјадници биле претепани.
