Јавната установа за урбанизам ќе учествува и во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје
На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје на денешната седница, донесе одлука за основање на Јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“, иако Градот веќе има постоечки Сектор за урбанизам.
„Целта на основањето на Јавната установа за урбанизам е подигање на стандардите и квалитетот на вршењето на работите од урбанистичкото планирање, како и за обезбедување на оптималните услови за вршење на дејноста уредени со Законот за урбанистичко планирање, а едновремено ќе се елиминираат постапките на надворешни јавни набавки и тендери за проектирање на објекти на Град Скопје“,
велат оттаму.
Јавната установа за урбанизам покрај дефинираните надлежности согласно со Националната класификација на дејности, ќе учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, ќе изработува урбанистички планови и урбанистички проекти и учествува во нивното донесување, спроведување и следење на спроведувањето, изработка стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти согласно условите за вршење на ревизија пропишани со закон, изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти, како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот.
Покрај ова, оваа установа ќе остварува соработка со надлежните институции за планирање на просторот при изработувањето на просторни планови од нејзина надлежност.