Спикерот Џафери и пратеници од СДСМ предлагаат Собранието денеска да донесе одлука за разрешување на пратеникот на Беса од собраниското тело откако оваа партија замина во опозиција
Предлог за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од член на Комисијата за избори и именувања е прва точка на дневниот ред на пленарната седница што треба да почне денеска.
Предлагачи на одлуката се спикерот Талат Џафери и уште десетина пратеници, главно од пратеничката група на СДСМ, од кои дел се членови на Комисијата за избори и именувања, чија работа е блокирана по локалните избори затоа што мнозинството во неа сега е во раце на опозицијата откако Беса го напушти парламентарното мнозинство.
Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека е спротивно на Деловникот да се разрешува член на работно тело без предлогот прво да помине во Комисијата за избори и именувања.
На Деловникот се повикуваат и предлагачите на одлуката за разрешување на Зендели, поточно на членот 118, според кој „составот на работните тела и на анкетните комисии се утврдува со одлука на Собранието, во зависност од бројот на пратениците во пратеничките групи, пратениците кои не се организирани во пратеничка група и во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите“.
Поради блокадата на Комисијата за избори и именувања, блокирано е комплетирањето на другите работни тела во парламентот, по кадровските промени што настанаа по локалните избори, како и по изборот на новата влада. Исто така, оневозможен е и изборот на кандидати за нови членови на Уставниот суд, кој сега функционира со пет од вкупно четири члена.
„Зошто Зендели си даде оставка од потпретседателското место во парламентот? Бидејќи Деловникот утврдува од чии редови се потпретседателите. Така е и во Комисијата. Укажувам на секоја координација да се врати соодносот, но очигледно тоа го гледаат како дневно-политичка калкулација. Јас во тоа не можам да се мешам, но во крајна инстанца ја попречува функционалноста на Собранието и е спротивно на интересот на граѓаните“,
рече Џафери на брифинг со новинари минатата седмица и посочи дека нема да закаже седница на Комисијата за избори и именувања, како што бараше ВМРО-ДПМНЕ.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека на власта ѝ се брза да го наполни Уставниот суд со партиски кадри.
„Ова можеше да биде тест на демократските капацитети на власта, но очигледно решаваат да се движат по пат на поларизација и партиски комбинаторики. Ова што се прави е апсурд“,
изјави Мицевски и им посака „Среќна Нова 1949“ на потписниците на предлог за разрешување на Зендели.
Според него, Комисијата е функционална и комплетна, но власта, како што вели, брза со разрешување на Зендели за да може што побрзо да назначи партиски уставни судии.