Само неколку часа по најавата на министерот за здравство Венко Филипче дека интервенцијата за промена на полот отсега ќе се врши на товар на Фондот за здравство, во јавноста веќе се создава силен отпор на идејата. Меѓу критичарите се обични граѓани, но и лица од културниот, спортскиот па и политичкиот живот и тоа и од опозицијата и од власта.

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се изјасни дека на промената на полот гледа како на право, но не и како на нужност.
„Разузданоста на деспотот нема крај. Кога граѓаните плачат поради неквалитетното здравство каде цената неретко е човечкиот живот и власта нема решение, сега се најавува промена на пол на државна сметка. Промената на полот е право на избор, а лекувањето на болест е нужност. Правото на живот е поголемо и поважно од се друго. Промена на полот не со пари на граѓаните“,
истакна Мицкоски.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е кадар на СДСМ јавно сподели став кој во суштина не се разликува од оној на Мицкоски.

„Прави со сопствениот живот што сакаш, сакај и менувај пол, лична одлука, но не на државна а уште помалку на моја сметка! Да се разбереме, не сум против лични слободи и права, маргинализирани групи и.т.н. ги почитувам и уважувам сите, но ова е веќе навредливо.Во представничката демократија законот е воља на мнозинството (ГРАЃАНИ), не лична желба на поединци!“, .
напиша на својот Фејсбук профил Димитриевски
Меѓу јавните личности кои се приклучија на блокот „против“ се впишаа и актерот Драган Спасов – Дац кој стана директор на МНТ по доаѓањето на власт на СДСМ. Негативен став искажа и ракометарот Столе Стоилов.