Многубројни шефови на држави и кралски членови го потврдија своето присуство на погребната церемонија, вклучително и принцот Вилијам, американскиот претседател Доналд Трамп, шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летиција, како и францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
Над 200 илјади луѓе се очекува да присуствуваат на погребот на папата Франциск оваа сабота.

Многубројни шефови на држави и кралски членови го потврдија своето присуство на погребната церемонија, вклучително и принцот Вилијам, американскиот претседател Доналд Трамп, шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летиција, како и францускиот претседател Емануел Макрон.
Свое присуство на погребот најавија и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, полскиот претседател Анджеј Дуда, украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Хавиер Милеи, претседателот на Аргентина (родната земја на папата Франциск), британскиот премиер Кир Стармер, како и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Погребната церемонија ќе почне во сабота во 10 часот на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“ во Ватикан. Службата ќе ја води деканот на Колеџот за кардинали, кардинал Џовани Батиста Ре, а ќе сослужуваат патријарси, кардинали, архиепископи, бискупи и свештеници од целиот свет.
Кардиналот Батиста Ре ќе ја каже завршната молитва, а телото на папата потоа ќе биде преместено во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим каде што ќе се одржи самиот погреб.
Франциск ќе стане првиот папа кој ќе биде погребан надвор од Ватикан по повеќе од 100 години. Во својот последен тестамент тој изразил желба да биде погребан во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим бидејќи, како што пишува во документот, животот и свештеничката служба ѝ ја доверил на Пресвета Богородица. Папата бара неговата гробница да биде во земја, да е едноставна, без посебна декорација и со натпис – „Franciscus“.