Денеска одново се разгоре активното жариште во општина Гуртина во западниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез, а пожарот, според заменик-префектот, се простира на над десет километри и досега изгорела површина од 4 000 хектари и околу 15 куќи
Заменик-префектот на периферијата Аркадија, Христос Ламбропулос, за грчката телевизија „Скај“ рече дека ситуацијата е сериозна со оглед на површината на која се протега пожарот и големиот фронт со повеќе жаришта, објасни дека во близина има куќи, но жителите на селата во поширокиот дел веќе се превентивно евакуирани.
Додаде дека меѓу куќите има густа шума, а напорите се да се ограничи пожарот и да се спречи дополнително ширење.
Ламбропулос рече дека од една страна е оптимист, гледајќи ги многубројните противпожарни сили, но од друга страна изрази загриженост поради ветрот кој не е сојузник во гаснењето на пожарите.
Во селата зафатени од пожарот постојат проблеми со снабдување со вода и електрична енергија.
Според заменик-префектот на периферијата Аркадија, процените вчера биле дека изгорела површина од 4 000 хектари и околу 15 куќи.
Грчките пожарникари заедно со нивните колеги од Велика Британија, Германија и Франција, преку копно и воздух се обидуваат да се справат со пожарот.