Одговарајќи на прашања на Обвинителството, вештакот од Словенија на денешното рочиште рече дека во најголем дел од случаите што ги анализирале на конкретни пациенти им била давана несоодветна терапија што довело до дополнително влошување на нивната состојба и прогресирање на болеста
Вештото лице од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, Маја Равник, и денеска сведочеше во Основниот кривичен суд Скопје во случајот „Онкологија“ во кој за несовесно лекување пациенти се обвинети поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев и уште двајца лекари онколози. Словенечкиот вештак, кој го изработил вештиот наод за 51 медицинско досие поврзани со случајот, ги појасни медицинските наоди за тоа како им биле давани терапии на повеќе пациенти.

Како што наведе вештакот, кај една пациентка биле заведени три дијагнози, и истовремено била лекувана од рак на ректум и рак на дојка, без јасна потврда за активната форма на болеста.
Таа појасни дека доколку се работи за примарен рак, се лекуваа таа болест, но ако се случи пациент да има два примарни рака, тогаш е нужно да се констатира и да се потврди кој канцер во моментот е активен и да се лекува таа форма на болеста,
„Затоа во онкологијата е многу важно да се добие нов материјал од биопсија на метастази, со кои потврдуваме дали се работи за повторување на примарниот или може да се работи за друг тип рак, а истовремено е потребно дополнително да се проверат и евентуалните промени на молекуларно ниво бидејќи во периодот до метастазирањето може да дојде до промена во самите основни карактеристики, кои се важни при одлучувањето за избор на терапија“,
рече Равник, пренесе МИА.
Таа истакна дека кај некои од пациентите била воведена имунотерапија, без претходна молекуларна анализа, што, според неа, било несоодветно и довело до прогресија на болеста.
„Со оглед на опишаната примена терапија, како и описот на проблемите на пациентката, можам да заклучам дека воведената терапија била несоодветна, болеста не била под контрола и тоа довело до дополнително влошување на состојбата заедно со прогрес на болеста“,
кажа вештакот.
Во сведочењето беа наведени и примери во кои пациентите примале лекови што немаат индикации за конкретниот тип карцином, како и случаи на давање хемотерапија во крајна фаза на болеста.
Равник одговараше на прашања на Обвинителството за соодветноста на терапијата што им се давала на конкретни пациенти. Според нејзиното сведочење, во најголемиот дел од случаите терапијата била несоодветна.
Одбраната: Методологијата на вештакот е спротивна на медицинските и правните принципи
Бранителот на првообвинетиот Нино Васев, адвокатот Боби Спирковски, во изјава за медиуми реагираше на методологијата на словенечкото вештачење.
Тој посочи дека некои од заклучоците на вештакот се спротивни на основните принципи на медицинско и правно вештачење.
„Не смее да се користи фактот од отпусното писмо за денот на смртта на пациентот и да се коментира дека му е даден лек еден ден пред смртта, кој можеби ја влошил состојбата или бил причина за смртта. Таква методологија на вештачење е забранета“,
изјави Спирковски додавајќи дека лекарот во моментот на давање терапија не може да предвиди дали пациентот ќе живее уште неколку месеци или ќе почине следниот ден.
Адвокатот нагласи дека секое вештачење мора да се темели на националните протоколи и закони, а не исклучиво на европски или светски стандарди.
„Не можете да го базирате вештачењето на европски или светски протоколи игнорирајќи ја целосно легислативата на државата. Македонија има свои протоколи, објавени уште во 2015 година, и тие се задолжителни за секој лекар и секое вештачење“,
рече Спирковски.

Предметот „Онкологија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска. Сослушувањето на вештите лица од Словенија почна во понеделникот, а судскиот процес треба да продолжи и утре со доказната постапка. Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување и на вешти лица од Србија, кои исто така работеле на медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и уште двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапка беше почната против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред судот и беше осудена на условна казна од две години.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехад Нухи, се води судски процес, во јавноста познат како „Онкологија 2“, во кој тие се товарат дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
