Пациентот го примивме со ампутирана десна рака, а денес го испраќаме среќен и задоволен дома со две раце, велат од Министерството за здравство
На пациент кој се самоповредил со моторна пила и му била ампутирана десната рака, му е извршена реплантација на десна подлактница, што е една од најкомплексните хируршки интервенции, соопштија од Министерството за здравство.
Операцијата била извршена на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

„Пациентот беше самоповреден со моторна пила, примен на Клиниката за пластична хирургија во хеморагичен шок неколку часа по повредата. Веднаш по приемот се организираше тимот и се направи хируршката интервенција бидејќи кај овој тип на операции има мал временски прозорец за интервенција – до 6 часа од повреда. Пациентот го примивме со ампутирана десна рака, а денес го испраќаме среќен и задоволен дома со две раце. Чувството кога пациентот ќе ти ја подаде раката да се збогувате е бесценето. Тимската работа и посветеноста на персоналот секогаш дава успешни резултати. Оваа соработка ќе ја продолжиме и понатаму“,
велат од Министерството за здравство.
Оттаму објаснуваат дека ова е еден од најкомплицираните зафати затоа што вклучува остеосинтеза на коските, реваскуларизација-анастомиоза на артерии и на вени, реконструкција на нервите и на мускуло-тетивниот апарат и реконструкција на мекоткивната покривка.
Во интервенцијата учествувале докторките Софија Пејкова, Бисера Николовска и Гордана Георгиева од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, докторот Мишел Андов од Универзитетската клиника за кардиохирургија, докторот Игор Мерџаноски од Универзитетската клиника за трауматологија Д-р Игор Мерџановски и докторката Јасна Бушиноска од Универзитетската клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување.
Тимот бил и во постојана комуникација со докторот Оскар Азман, кој е пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицински факултет од Скопје.
