Задолжителното носење маски беше последната мерка која остана во сила, а од денеска таа не важи ниту за затворени простории. Единствено е потребно да се носат маски во болниците, домовите за стари лица и јавниот превоз
Укинувањето на мерките во Грција може да е привремено бидејќи од септември, во зависност од текот на пандемијата, не е исклучена можноста повторно да се воведат некои од претходните рестрикции
Од денеска во Грција се укинува задолжителното носење маска во затворените простори, што воедно беше и последната и единствена ковид-мерка во земјата откако на почетокот на мај беа укинати голем дел од рестрикциите, со што летото ќе биде целосно слободно и без никакви ограничувања, јави дописничката на МИА од Атина.
Исклучок постои само за болниците, домовите за нега на стари лица и слични институции, како и во јавниот градски превоз, односно во автобусите, метрото, трамваите и тролејбусите, каде што и понатаму ќе биде задолжително носење маска.
Во текот на оваа седмица ќе се донесе одлука и за протоколите за бродовите и траектите.
Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, пред две седмици, соопштувајќи дека се укинува задолжителната маска за затворените простори, рече дека одлуката е привремена, односно ќе важи до 15 септември 2022 година.
„Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории“,
рече тогаш Плеврис.
За патување во Грција, како што е познато од претходно, повеќе не е потребен ниту сертификат за вакцинација, ниту негативен резултат од направен тест, додека пак веќе два и пол месеци е укинат и ПЛФ-формуларот. Истото важи и за во внатрешноста на земјата, односно за влез во затворените објекти не е потребен документ за ковид-19, како што беше пракса претходно.
Сепак, укинувањето на мерките во Грција е привремено бидејќи наесен, од септември, во зависност од текот на пандемијата, не е исклучена можноста повторно да се воведат некои од претходните рестрикции.
Од почетокот на пандемијата, во Грција има 3 453 229 случаи на ковид-19 и 29 845 починати лица.