Лекарската комора бара ригорозна мерка за своите членови – австриската Влада законски да ја утврди вакцината против ковид-19 како „задолжителен предуслов“ за работата на лекарите

Во расправата за воведување задолжителна вакцинација за населението во Австрија се вклучи и Лекарската комора која бара ригорозна мерка за своите членови – австриската Влада законски да ја утврди вакцината против ковид-19 како „задолжителен предуслов“ за работата на лекарите.
Претседателот на Лекарската комора, Томас Секерес, понатаму смета дека потврди за ослободување од задолжителна вакцинација да издаваат само лекари од државната служба.
„За нас би било прифатливо уверенија да издаваат лекари во Службата за здравствено осигурување“,
додаде тој, посочувајќи дека ширењето страв и дезинформации во моментов не дозволува нормално издавање на потврди.
Јоханес Штајнхарт, потпретседател на Лекарската комора, задолжен за лекарите кои имаат свои ординации, посочува дека лекарите се под силен притисок во актуелната ситуација и додава дека агресијата ја поттикнуваат одредени политички групи.
Што се однесува до лекарите кои одбиваат вакцинација, според нив е исто како да решиле да се избришат од списокот на лекари.