Иако знаеле дека дискотеката нема услови и капацитет за влез на толкав број луѓе, едно од осомничените одговорни лица во клубот, заедно со осомничените управители и припадници на обезбедувањето, кобната ноќ овозможиле во клубот да влезат 650 луѓе. Дополнително, еден од осомничените вршел продажба на билети без да води сметка за бројот на гостите и нивната возраст, овозможувајќи влез на малолетници во дискотеката
За време на настапот на музичката група ДНК во кочанската дискотека „Пулс“ имало 650 гости, од кои најмалку 31 биле деца. Ова денеска за медиумите го сподели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој изнесе првични детали околу отворената истрага против 27 физички и три правни лица во врска со пожарот во Кочани.

Иако знаеле дека дискотеката нема услови и капацитет за влез на толкав број луѓе, едно од осомничените одговорни лица во клубот, заедно со осомничените управители и припадници на обезбедувањето, кобната ноќ овозможиле во клубот да влезат 650 луѓе. Дополнително, еден од осомничените вршел продажба на билети без да води сметка за бројот на гостите и нивната возраст, овозможувајќи влез на малолетници во дискотеката.
Притоа, осомниченото одговорно лице во клубот, како што сподели државниот обвинител, без формално потпишан договор со музичката група ДНК, усно го организирал настапот на групата.
„Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК во угостителскиот објект да се внесат и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства ниту, пак, просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства“,
додаде Коцевски во излагањето на прес-конференцијата.
За внесувањето и употребата на пиротехниката за време на настапот, како што додаде Коцевски, осомничен е и еден од членовите на музичката група. Според обвинителот, постои сомнение дека членовите на бендот околу 2:32 часот на 16 март ја активирале пиротехниката како дел од сценскиот настап, при што, од искрите кои се исфрлале во правец на плафонот над сцената, веднаш се опожарил кровниот дел на објектот, а пожарот почнал да се шири.
„Во однос на пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата, но вршело одредени работи за таа фирма. Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација“,
додава Коцевски.
Дополнително, членовите на обезбедувањето, според она што го кажа обвинителот, кобната вечер не контролирале и во локалот пуштиле малолетници, не воделе сметка за преполнетоста на дискотеката и не спречиле внес и користење пиротехника со која бил предизвикан пожарот и поради која настанала несреќата.
Прашан за коментар во врска со барањата на граѓаните за ослободување на членовите на обезбедувањето кои се во притвор, бидејќи тврдат дека кобната ноќ спасувале луѓе во дискотеката, Коцевски рече дека тоа што спасувале луѓе е една работа, но тоа што (не) преземале дејствија во делот на нивните обврски е сосема друга работа.
Поради текот на истрагата обвинителот, не го откри името на агенцијата за обезбедување во која биле вработени лицата што го обезбедувале објектот на дискотеката „Пулс“.