„Се слушна силно пукање. Сите се исплашивме. Едната кола доаѓала од едната насока, другата од спротивната. Кога се сретнале, почало пукањето. Колку што знам, повреденото девојче е ќерка на сопственик на ресторан во близина. Но, дознав дека, за среќа, не се работи за тешка повреда. Девојчето било во кујната, а заталканиот куршум влегол преку прозорецот“, раскажа за „360 степени“ човек што работи во непосредна близина на местото на кое денеска имаше пукотница во која едно лице беше убиено, а четворица се повредени

Многу раздвижено, полно со ресторани, кафулиња, дуќани и аптеки, а со тоа и со многу луѓе. Вака може да се опише местото во тетовската населба Блок 82 каде што денеска околу пладне се случи убиство.
Тетовци сè уште со неверување ја слушаат веста дека едно лице загина, а вкупно четворица, меѓу кои и едно малолетно девојче, се повредени во пукотница што се случи на улица „Благоја Тоска“.
На „филмската сцена“ сведочеле многумина, но ретко кој сакаше да ја раскаже кога ќе сфати дека разговара со новинарска екипа. „Знам што се случило, пукањето било овде, малку подолу, но појдете таму да прашате, јас не знам“, ни рече девојка вработена во една од аптеките.
А малку подолу – сцената од фотографиите што денеска првично ги објавија повеќето медиуми, само недостасуваше издупчениот син „голф“ во кој бил пронајден починатиот човек, бидејќи увидот завршил.
Дел од куршумите завршиле во споредниот влез на еден од рестораните. Ѕидот, прозорецот и вратата се пробиени со десетици куршуми.

Човек што работи во близина ни кажа дека така е повредено и малолетното девојче – од заталкан куршум.
„Се слушна силно пукање. Сите се исплашивме. Едната кола доаѓала од едната насока, другата од спротивната. Кога се сретнале, почало пукањето. Колку што знам, повреденото девојче е ќерка на сопственик на ресторан во близина. Но, дознав дека, за среќа, не се работи за тешка повреда. Девојчето било во кујната, а куршумот влегол преку прозорецот“,
рече човекот.
Отспротива има мал дуќан со овошје и зеленчук. На малечка маса, сопственикот пиеше кафе со пријател. Рече дека не бил присутен кога се случил настанот, но раскажа што дознал.
„Јас бев во болница, на преглед. Кога се вратив ми кажаа што се случило токму преку улицава. Имало многу пукање, загинал човек, потоа избегале. Но, кои биле луѓето – не знам“,
рече тој.

Полицијата информираше дека настанот се случил околу 12:30 часот. Напаѓачите најверојатно биле со две возила.
„Денеска (10.8.2025) во СВР Тетово било пријавено дека во 12:30 часот, на крстосницата од улица ‘Илинденска’ со улица ‘Благоја Тоска’ во Тетово се случила вооружена пресметка помеѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна незгода по што двете возила го напуштиле местото, од кои едното се упатило кон улица ‘113’, а додека другото во непознат правец. Од добиени сознанија од граѓани и очевидци на местото на настанот, добиена е информација дека возилото кое што се упатило кон ул. ‘113’ дека се работи за патничко возило ‘Форд фиеста’ со тетовски регистарски таблички. Од извршената проверка било констатирано дека се работи за одјавени регистарски таблички од истото возило, сопственост на лицето Е.М. (19) од с. Гајре, тетовско“,
соопшти СВР Тетово.
Кога почнал увидот, на самото место бил синиот „Голф“ во кој е пронајдено безживотното тело со повеќе прострелни рани.
„При преземање мерки, на крстосницата од улица ‘Благоја Тоск’ со улица ‘107’ било пронајдено патничко возило ‘Голксваген голф’ со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р. (46) од Тетово, додека во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје. За настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО Тетово и увидна екипа од СВР Тетово“,
велат од полицијата.
Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за реанимација и интензивно лекување во Скопје е примен 32-годишен маж со прострелна рана во градниот кош, која се оценува како тешка телесна повреда. Тој е во животна опасност. На Детска хирургија е згрижено 12-годишното девојче со прострелна рана во десната натколеница. Дополнително, на Торакална хирургија е примен 37-годишен пациент со прострелна рана во градниот кош, а на Трауматологија 60-годишен маж со скршеница на десната потколеница.
Сите повредени лица добиваат соодветна медицинска нега и се под постојан надзор на лекарите.
Во Тетово кружат различни непотврдени информации за мотивите за настанот. Според некои, станува збор за пресметка меѓу две фамилии што имаат претходна историја на нетрпеливост.