Шефот на дипломатијата денеска посочи дека во Украина остануваат и 30 наши набљудувачи во рамки на специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ. Некои земји, рече тој, веќе ги повлекле или ги дислоцирале своите набљудувачи, но нашата позиција е поспецифична бидејќи сме дел од трите земји претседавачи
Со оглед дека Османи и шефовите на дипломатиите на Шведска и Полска, како и генералната секретарка на ОБСЕ добија повик од украинскиот Министер за надворешни работи итно да ја посетат Украина, министерот денеска рече дека се во координација на кое ниво би се одвивала таквата мисија

Сите наши луѓе што се во Украина се мапирани, а на дипломатите во македонската амбасада во Украина им се исплатени и три плати однапред за да може да функционираат во случај на ескалација на ситуацијата.
Ова денеска го посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција во МНР.
„Ги имаме мапирано сите наши луѓе, семејствата на дипломатите се вратени, дипломатите остануваат таму, обезбедивме услови за функционирање на амбасадата за наредните три месеци. Дадовме однапред плата за наредните три месеци, за кирија, за да ги извадат во кеш бидејќи утре може и банките да не функционираат, па да остане амбасадата без неопходните средства. Според информациите од амбасадата, 12 луѓе веќе ја информирале амбасадата дека се вратиле во државата освен нивните семејства. Меѓутоа, тие претпоставуваат дека може да има и други граѓани бидејќи тие немаат обврска да ја информираат амбасадата дека ќе се вратат, па можеби има и други“,
рече Османи.
Тој уште еднаш повика доколку има наши државјани таму, да ја напуштат земјата, бидејќи ова е можеби и последната шанса со оглед дека секој ден авиокомпании откажуваат летови кон Киев.
Министерот посочи дека во Украина остануваат и 30 наши набљудувачи во рамки на специјалната мониторинг-мисија на ОБСЕ. Некои земји, рече тој, веќе ги повлекле или ги дислоцирале своите набљудувачи, но нашата позиција е поспецифична бидејќи сме дел од трите земји претседавачи.
„Некои земји ги имаат повлечено, тоа се САД, Канада, Велика Британија… Данска и Холандија ги имаат дислоцирано на побезбедна локација. Останатите земји членки ги немаат повлечено. Нашата позиција е малку поспецифична затоа што ние дел од тројката, ние сме дел од претседавањето со ОБСЕ, и повеќе внимаваме какви пораки ќе дадеме по однос на улогата на мониторинг-механизмите на ОБСЕ. Меѓутоа, сме во комуникација со нашите луѓе во набљудувачката мисија и сум во комуникација со генералната секретарка на ОБСЕ, во петокот се слушнав со госпоѓа Шмид“,
рече шефот на дипломатијата.
Тој рече дека денеска очекува повторно да разговара со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, како и со шефовите на дипломатиите на Полска – Збигњев Рау и Шведска – Ан Линде. Тие претходно добија повик од украинскиот министер за надворешни Дмитро Кулеба итно да ја посетат Украина, за што Османи денеска рече дека се во координација на кое ниво ќе се организира ваквата мисија: министерско, дипломатско или воено-експертско.