Ова може да се протолкува од изјавата што по усвојувањето на роковите за локалните избори попладнево ја даде претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко. Повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, тој рече дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори
На локалните избори ќе може да учествуваат и независни (непартиски) кандидати за градоначалници и листи за советници.

Ова може да се протолкува од изјавата што по усвојувањето на роковите за локалните избори попладнево ја даде претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко. Повикувајќи се на членот 60 од Изборниот законик, тој рече дека ДИК нема право никому да му го ускрати законското право за учество на избори.
„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуаат на изборите“,
изјави Кондарко.
Тој ова го кажа давајќи појаснување на еден од заклучоците усвоени на денешната седница на ДИК, со кој надвор од сила се става Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.
Ставањето вон сила на ваквиот правилник, како што рече Кондарко, е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати за градоначалници и листи за советници за учество на изборите.
„Во случајов не се работи за никаква одлука на ДИК, туку за директна примена на законот. Упатството се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со кој се укинати членовите 61 и 62 на Изборниот законик за собирањето потписи, односно за процентот и бројот на потребни потписи за кандидирање на листи“,
изјави претседателот на ДИК.
Член 60 став 1 од Изборниот законик, на кој се повикува Кондарко во својата изјава, гласи:
„Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи.“
Неизвесноста околу (не)учеството на независните кандидати на овогодишните локални избори настана откако во мај годинава Уставниот суд ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните за да учествуваат на избори. Корпусот на измени на Изборниот законик, меѓу кои и овие, беа донесени во март минатата година, во пресрет на претседателските и парламентарните избори, а требаше да важат за годинашниве локални избори.
Собранието, во меѓувреме, не донесе измени во Изборниот законик.
Дека независните ќе може да учествуваат на изборите без потписи неодамна изјави универзитетскиот професор Денис Прешова во интервју за „Призма“. Тој, исто така, се повика на членот 60 од Изборниот законик, додавајќи дека независните имаат законско право да поднесуваат листи на кандидати без да собираат потписи бидејќи ИЗ во моментов не предвидува колкав број или процент на потписи е потребен за поднесување листа на кандидати.
Инаку, претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ги распиша изборите. Првиот круг од гласањето за градоначалници ќе се одржи на 19 октомври, кога ќе се гласа и за советничките листи. Втор круг за градоначалници ќе има на 2 ноември.