Тројца пациенти се хоспитализирани во Грција, четворица во Србија, еден е на лекување во Австрија, а во Турција се лекуваат тројца пациенти
На лекување во странство остануваат уште 11 пациенти повредени во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, информира заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

Од вкупниот број пациенти што се лекуваат во странство, тројца се хоспитализирани во Грција, а четворица во Србија – сите во добра и стабилна состојба. Во Австрија се лекува еден пациент кој е сместен на одделение и е стабилен. Тројца пациенти кои се во Турција се префрлени на одделение и редовно им се прават преврски.
Заменик-министерот за здравство информира дека во периодов тим експерти од Велика Британија спровел интензивни обуки на 45 здравствени работници за физикална и психолошка рехабилитација на пациентите повредени во пожарот во Кочани.
„Обуките беа спроведени во пет јавни здравствени установи, во Клиниката за пластична хирургија, физикална медицина во ГОБ ‘8 Септември’ и во болниците во Штип и Кочани. По препорака на англиските експерти рехабилитацијата ќе биде во Кочани за повредените да бидат поблиску до својот дом“,
информира Андовски.
Во петокот и во текот на викендот во земјава се вратија четворица пациенти кои се лекуваа во Софија и Белград.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март, животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени и пренесени на лекување во болниците низ државава и медицинските центри во странство.