Претседателот на Собранието во денешното видео-обраќање во пресрет на новата година повика на конструктивност и дијалог во 2022.

„Важно е политичкиот дијалог, вкрстувањето на аргументите и битката за менување и подобрување на законските одредби за олеснување на животот на граѓаните да се одвива во рамки на домот на демократијата. Сите заедно не обединува Република Северна Македонија и мораме да градиме односи за взаемна доверба, почит меѓу нас внатре и надвор со нашите соседи“,
порача Џафери.
Собранискиот спикер изрази надеж дека идната година ќе биде подобра од оваа која, како што рече, била полна со предизвици и трагедии.
„Морам да признаам дека со нетрпение и со огромна доза на оптимизам се охрабрувам дека 2022 година нема да биде во ниту еден сегмент како оваа. За жал не можеме да кажеме дека беше лесна, ниту пак успешна. Напротив беше тешка, полна со предизвици, препреки, најтажно од се година во која паралелно со здравствените, економските и штетите по менталното здравје на глобално ниво што ги предизвика пандемијата со ковид-19. Во 2021 имавме редовни локални избори, по што настапи период на неизвесен политички живот во земјава, кој пак предизвика делумна функционалност на домашните институции“,
изјави претседателот на Собранието.
Џафери им посака на граѓаните здравје и успех во идната година.