Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека Српската листа остварила убедлива победа во девет од вкупно десет српски општини на Косово уште во првиот изборен круг.
Денеска на Косово се одржаа локални избори во 38 општини, на кои право на глас имаа вкупно 2 025 105 гласачи. Според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, добиени од околу 96,03 отсто од избирачките места, до 19:00 часот гласале 800 331 граѓанин, односно 39,52 отсто од запишаните гласачи.
За овие избори беа сертифицирани вкупно 5 626 кандидати – од кои 206 кандидати за градоначалник, а останатите за места во општинските совети. Во трката учествуваа 93 политички субјекти, меѓу кои 32 партии, 32 граѓански иницијативи, две коалиции и 27 независни кандидати. Иако пребројувањето сè уште не е целосно завршено, Демократската лига на Косово (ДЛК) веќе прогласи победа уште во првиот круг во три општини, како и водство и пласман во втор круг во уште 12 општини. Претседателот на партијата, Лумнир Абдиџику, им се заблагодари на поддржувачите и истакна дека ДЛК постигнала значителен напредок.
„Сакам да им се заблагодарам на институциите за организирањето на изборите. ДЛК, на оваа прва медиумска конференција, потврдува дека победила, води и е во трка во вкупно 12 општини. На 12 октомври ги имаме нашите 12 општини. Прогласуваме победа во првиот круг во Исток, Липјане и Јуник. Денес, по 12 години, ДЛК е прва партија и за кандидати и за општински совети во Приштина“,
рече Абдиџику.
Своја изјава даде и лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, кој оцени дека неговата партија постигнала историска победа.
„Бевме во трка во 25 општини со кандидати за градоначалници и во 28 општини со листи за општински совети. Имаме информации за зголемување на бројот на гласови за Алијансата и во други општини, но нема да брзаме со објавување на податоците, бидејќи сè уште се обработуваат. Алијансата постигна победа што би ја нарекол историска, бидејќи во општините каде што владеевме, победата е уште поубедлива“,
кажа Харадинај.
Според најновите резултати објавени од Централната изборна комисија, во главниот град Приштина се води тесна трка меѓу Демократската лига на Косово и партијата на актуелниот премиер Албин Курти – Движењето Самоопределување. ДЛК засега води со 26 390 гласа, Самоопределување има 25 680 гласа, додека Демократската партија на Косово (ДПК) е трета со 21 656 гласа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека Српската листа остварила убедлива победа во девет од вкупно десет српски општини на Косово уште во првиот изборен круг.
„Српската листа освои убедливо мнозинство. Српската листа победи со убедлива разлика во 9 општини, а тие нека ја шутнат топката“,
кажа Вучиќ.
Тој соопшти дека на денешните локални избори гласале вкупно 57 786 Срби, што е за 3 677 повеќе во споредба со парламентарните избори во февруари, кога на гласање излегле 54 109 српски гласачи.