Ова е деветта трансплантација од починат дарител во последните десет месеци на Клиниката за ортопедија. Од почетокот на 2021 година на Клиниката е возобновена и Банката за коскени ткива каде што се чуваат експлантираните графтови
На Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ Скопје, вчера по првпат беше изведена трансплантација на лигамент од починат дарител. Триесет и четиригодишен пациент со сериозна повреда на десното колено, доби мекоткивен графт експлантиран од починат дарител. Операцијата траела неколку часа и ја изведе ортопедскиот хирург д-р Алан Андоновски заедно со неговиот тим од Клиниката.

„Се работи за ревизија на скинат преден вкрстен лигамент на десното колено, што е прилично честа повреда кај физички и спортски активната популација. Ревизијата се направи со графт од починат донор. Пациентот постоперативно се чувствува одлично и пред него е период на рехабилитација“,
вели д-р Андоновски, хирург од Клиниката за ортопедија кој долги години работи во делот на мекоткивната ортопедска хирургија.
Ова е деветта трансплантација од починат дарител во последните десет месеци на Клиниката за ортопедија. Од почетокот на 2021 година на Клиниката е возобновена и Банката за коскени ткива каде се чуваат експлантираните графтови.

Д-р Александар Трајановски, директор на Клиниката за ТОАРИЛУЦ Скопје, во чиј состав е Клиниката за ортопедија објаснува дека по првата експлантација што ја направи тимот од Клиниката на 17 април минатата година до денес се направени пет експлантации и девет трансплантации на коскено и меко ткиво. На пет пациенти со малигна болест им беше трансплантирано здраво коскено ткиво, со што значително им се подобри нивниот квалитет на живот, а денеска по првпат е трансплантиран и мекоткивен графт односно лигамент кај млад пациент со сериозна повреда.
„За нашите пациенти ова поглавје ќе отвори можност за нови методи на хируршко лекување“,
вели тој.
Инаку, повредата на меките ткива, лигаментите и тетивите е многу честа кај младите лица, особено кај активните спортисти. Само успешен оперативен третман може да гарантира враќање кон редовните спортски активности. Со отворање на можноста на мекоткивна трансплантација со графт од починат дарител се исклучува праксата да се земе тетива од здравата нога и со тоа значително се подобрува квалитетот на живот на пациентот.

„Мило ми е што оваа трансплантација на Клиниката за Ортопедија се случи само неколку дена по првата експлантација од починат донор годинава, која се направи минатиот петок. По одлуката на едно храбро семејство да ги донираат органите од својот близок, во саботата наутро беа направени три трансплантации, две на бубрези и една на срце. Би сакала уште еднаш да се заблагодарам јавно на семејството кое со својата добрина и хуманост спаси најмалку три животи. Пациентите кои добија орган се во стабилна состојба и заздравуваат полека на Клиниката за урологија и на Клиниката за кардиохирургија“,
вели д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација.
Во 2021 година во земјава се направени девет експлантации од починат дарител и притоа 16 пациенти добија бубрези, петмина срце и кај осум пациенти беа трансплантирани коскени ткива. Минатата недела беше направена и првата трансплантација од починат дарител годинава. Двајца пациенти добија бубрези, а кај млад пациент беше трансплантирано срце.