Од Министерството велат дека со овој зафат се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се потврдува капацитетот на македонските хируршки тимови за изведба на интервенции од највисок степен на сложеност

Министерството за здравство соопшти дека со извршена најсложена трансплантација на коска на Универзитетската клиниката за ортопедија се поместени границите во ортопедска трансплантација во државата.
Оттаму објаснуваат за каков пациент и за каква дијагноза станува збор.
„Пациент, маж на 64-годишна возраст, со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница, беше подложен на ресекција на средишниот дел од бутната коска, реконструкција со графт од кадавер и фиксација со клин“,
соопшти Министерството.
Од Здравство велат дека операцијата била изведена во два акта.
„Во вториот имаше пластична реконструкција која ја изведе тим предводен од д-р Томислав Јовановски. Првиот хируршки тим го предводеше проф. д-р Милан Самарџиски, со учество на спец. д-р Бојан Будиќ, д-р Теодора Тодорова и д-р Гоце Гулески. За анестезија беше одговорна проф. д-р Јасминка Нанчева, со анестетичар с. Јована Илиева. Во операционата сала активно придонесоа инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рендген-техничарот Силвана Станковска“,
стои во соопштението.
Од Министерството додаваат дека со овој зафат се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се потврдува капацитетот на македонските хируршки тимови за изведба на интервенции од највисок степен на сложеност.