„Клиниката за детски болести 24 часа има специјалсти. За жал, починатото дете кое е згрижено, од првот ден го добивало комплетниот третман – професионален, медицински – но, за жал, тоа е општо познато дека не секогаш успеваме да ги спасиме животите на сите деца“, изјави тој, одговарајќи на новинарски прашања во врска со смртта на седуммесечното бебе
На Клиниката за детски болести во секој момент има двајца лекари специјалисти, изјави денеска директорот на оваа здравствена установа, Реџеп Мемеди. Специјалисти имало и од негова страна било прегледано седуммесечното бебе кое минатата недела почина на Клиниката, каде што беше хоспитализирано, откако при првичниот преглед било вратено.
Ваквите тврдења на Мемеди се во спротивност со извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) кој при вонредниот надзор во врска со случајот констатира дека на Детската клиника сè уште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што се води прекршочна постапка.
Дополнително, Инспекторатот утврди дека медицинската документација во оваа здравствена установа се креира од доктори што не се присутни на работа, за што ДСЗИ издаде решение чии рокови течат.
Инаку, по извршениот вонреден инспекциски надзор од ДСЗИ дадоа предлог до Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на починатото седуммесечно бебе.
Мемеди денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека сè уште не го добил извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но уверуваше дека на Клиниката има специјалисти кои 24 часа се грижат за сите пациенти. За специјализантите рече дека се дел од тимовите на Клиниката и дека треба да се покаже почит кон нив, бидејќи станува збор за дипломирани лекари.
„Клиниката за детски болести 24 часа има специјалсти. За жал, починатото дете кое е згрижено, од првот ден го добивало комплетниот третман – професионален, медицински – но, за жал, тоа е општо познато дека не секогаш успеваме да ги спасиме животите на сите деца“,
вели Мемеди.
Прашан во врска со тврдењата на родителите дека детето еднаш било вратено, односно не било хоспитализирано и дали смета дека тука бил направен пропустот, директорот не сакаше да коментира.
„Ќе има стручен надзор, меѓутоа по нашите сознанија тој ден имало преглед од нашите специјалисти и од специјалистите на Клиниката за инфективни заболувања и е констатирано дека детето во моментот е во релативно добра општа состојба и сите лабораториски параметри покажале дека нема некоја потреба од итност. Меѓутоа, компликациите се случиле третиот ден, кога е донесено и хоспитализирано на нашата клиника“,
рече Мемеди.
Тој смета дека работата на Детската клиника ќе се подобри со вработување на дополнителен број на доктори, кои сега недостасуваат.
Од опозицискиот СДСМ денеска побараа оставки од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди поради, како што велат од партијата загрижувачките бројки за смртноста кај деца во изминатите шест месеци.
Оттаму посочија дека втората половина на 2024 година починале 19 доенчиња и едно петгодишно девојче, а како особено алармантен го наведоа последниот случај со смртта на седуммесечното бебе, кое било одбиено за хоспитализација, без да се издаде никакво образложение за причините.
„Министре за здравство, Таравари, се работи за деца, ова се трагични бројки, заедно со директорот на Клиниката за детски болести Мемеди, треба излезете и да си поднесете оставки“,
изјави Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Иако упатени до Таравари и Мемеди, на прозивките преку писмено соопштение одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде рекоа дека СДСМ треба да се срами кога зборува за здравството, затоа што со нивниот тогашен коалициски партнер, го оставиле овој сектор во катастрофална состојба.