Директорката Милена Стевановиќ за „Слободен печат“ вели дека се покажало дека интубирањето и ставањето на апарат за вештачко дишење не дава резултати во лекувањето на болните од ковид-19
Клиниката за инфективни болести го промени начинот на лекување на пациентите со ковид-19, според кој најголем број од нив веќе не се ставаат на апарати за дишење. Како што изјави директорката на Клиниката Милена Стевановиќ за „Слободен печат“, нивното искуство и искуството во светски размери покажало дека интубирањето и ставањето на апарат за вештачко дишење не дава резултати во лекувањето на болните од ковид-19.
„Сфативме дека и покрај ставањето на апарати за дишење ги губиме пациентите. Неуспесите беа повеќе од евидентни пред се заради специфичната патофизиологија на болеста и нејзината непредвидливост. Се покажа дека апаратот за вентилирање најчесто не помага кај пациентите со ковид-19. Во таа насока одат и светските искуства. Наместо на апарати за дишење пациентите се ставаат на неинванзивна вентилација со помош на маски. Овој начин на третман бара и уште поголем ангажман на здравствениот персонал бидејќи здравствената состојба на пациентот треба да се следи од минута во минута и да се реагираа со соодветна терапија доколку настане промена“,
вели Стевановиќ за „Слободен печат“.
За оваа промена на пристапот во лекување се координирале и со анестезиолозите од КАРИЛ кои, како што вели, имаат поголемо искуство во лекување на пациентите во тешка состојба.
За променетиот начин на лекување сведочат и податоците што секојдневно ги објавува Министерството за здравство за состојбата со ковид-19 во земјава.
Последниве денови, во делот каде што се информира за бројот на пациенти кои се хоспитализирани на клиниките во земјава, кај Инфективната клиника нема пациенти што се на механичка вентилација